Никогаш нема да дозволиме некој во наше име да ја фалсификува македонската историјата во која нема место за Гоце, Даме, Јане, Питу и сите други што ги удриле темелите на македонската држава.
Денот на смртта на Делчев нè потсетува колкава е жртвата на нашите предци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава. Истовремено, овој ден паметник е можност да им оставиме аманет на идните генерации да ја продолжат борбата за македонска држава која никогаш не запира. Македонија е како куќа, ако не ја одржувате таа ќе се руинира, затоа треба да ги поправаме или да ги менуваме расипаните делови за, куќата наречена Македонија, да биде функционална и удобна за сите.
Немаме против и други да го слават Гоце Делчев затоа што тој бил човек кој има вредност за сите луѓе и кои се почитуваат себеси, своите идеали и, во случајот со Гоце, својот македонски народ. Она што очекуваме од сите што го слават, е да го прифатат фактот што неговиот сон – да биде закопан во независна македонска држава, е остварен со помош на бугарската држава која во 1946 година доброволно помогна да се пренесат посмртните останки на Гоце во неговиот вечен дом овде, во дворот на Свети Спас.