Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова ја поздрави засилената дипломатска активност на Владата во однос на САД. Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на МАНУ во насока на лобирање за постигнување на стратешките цели на државата, таа кажа дека тоа е политички одговор на трансформациите во светот. -Да речеме тоа е политички одговор на огромните трансформации, во кои влезе светот. Се разбира, зошто во САД, јасно е. Не затоа што амбасадорката на САД со право вели дека тоа е вистински чекор, туку затоа што сите што знаеме политика, знаеме дека САД се засновани на системот на лобирање. Значи, лоби групите во САД имаат најголемо влијание врз креирањето на политиката. Ретко сме имале прилика, еве и ние да познаваме клучни актери и фактори во креирањето на американската политика. Веројатно тоа место е добро место за креирање стратегија и јас ја поздравувам таа активност, значи на вистинското место се, рече Сиљановска Давкова на новинарско прашање како ја коментира засилената дипломатска активност на Владата во поглед на САД. Прашана дали е оптимист дека може да најдеме решение на спорот со Бугарија со оглед дека и новата Влада во Софија нема поразлични ставови од претходната, шефицата на државата упатува на важноста на Повелбата на ОН и Универезалната декларација за слободите и правата, односно на важноста на принципите бидејќи вели, нема ни ЕУ ни ОН без принципи и вредности
-Ако решението се бара во принципите и вредностите на Повелбата на ОН и на Пактот за граѓански и политички права, двата документи го афирмираат правото на самоопределување на секој народ. И таму убаво си пишува дека правото на самоопределување или тн. Вилсоново начело подразбира право да си определите име, знаме, грб, химна, устав, политички систем и слично, и тоа е загарантирано за секој народ. Ако на ова го додадам а јас многу верувам во принципи и вредности, без нив нема ни ЕУ, нема ни ОН, а документите Договорот за ЕУ – Лисабонскито договор, Конвенцијата за фундаменталните права, во преамбулите зборуваат за почитување на национален и културен идентитет, почитување на дигнитет, интегритет, почитување на Повелбата и дургите акти на ОН, почитување на судските одлуки и на оние во Стразбур, и на оние коишто се носеле низ историјата во Хаг, тогаш верувам. Верувам во бонафиде, не верувам во мала фиде. Значи немам проблем да разговараме за нешта за кои разговараат сите, вели Сиљановска Давкова. Таа при тоа укажа дека на средба со еден политичар неодамна кога и било нагласено дека договорите треба да се почитуваат, таа укажала на членот 7, став 3 од Преспанскиот договор на којшто тој се повикувал, а во кој се вели дека во однос на Втората страна, терминот „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со сопствена историја, култура и наследство. -За што разговараме во тие комисиите? – за историја, култура и јазик. Кој треба тоа да го каже пред Советот? – Грчките претставници. Кој требало тоа да го предочи на Бугарите, грчките претставници, бидејќи тие се повикуваат на Преспанскиот договор. Значи нема проблем да разговараме, наведува претседателката на државата.
Таа додава дека низ историјата ЕУ биле многу креативна кога примала некои членови и посочи на примерите со Грција, Бугарија и со Романија. -Кога требало Грција да влезе во ЕУ, Парламентот рекол не, Комисијата рекла не, а Советот рекол да. И не згрешил. Извонреден потег направил што значи ја примил во членство за да шири демократија. И кај други држави особено од Балканот, Романија, Бугарија, имало многу креативни решенија. Еве јас им оставам значи на европските лидери да пронајдат креативно решение за да ни го овозможат она што го бараат секој ден за сите држави. Значи почитување на идентитетот, национален, културен итн. и да ни овозможат да докажеме дека копенхагенските критериуми не ги разбираме како Хамлет, по Балканот ако лутаат туку дека сакаме да ги спроведеме. Така ние навистина ќе станеме поблиску. Значи да се дебилатерализра проширувањето, бидејќи особено сега на Европа и треба единство. Никогаш не било поактуелна потребата за идентификација на Европа со ЕУ.Не треба никому да докажуваме дека историски културно секогаш сме биле географски веќе да не зборувам дел дел од Европа. Значи научени лекции, научеци лекции. Ова што се случува денеска уште еднаш покажува дека ЕУ требаше да реагира навреме. Идејата е да спречите конфликт, а не секогаш постконфликтно откако од огромна далечина ќе стигнат Американците, да велите дека сте требало да реагирате навреме, вели Сиљановска Давкова.