Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е подготвена да ја признае руската контрола врз Крим како дел од предлогот за ставање крај на војната во Украина, јави денеска Си-Ен-Ен, повикувајќи се на добро информирани функционери. Предлогот вклучува и воспоставување прекин на огнот долж сегашните линии на фронтот. Неименуван функционер за Си-Ен-Ен изјавил дека планот им бил претставен на европските и украинските претставници кои се состанале во четвртокот во Париз.
Мировната рамка беше спомната и во телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Делови од тој план треба да се финализираат и САД планираат да работат со Европа и Украина на ова следната недела во Лондон, рекол неименуваниот извор.