Дел од граѓаните кои скенираат фискални сметки се уште немаат добиено поврат на ДДВ на нивните трансакциски сметки, кој се однесува за скенираните сметки за првиот квартал од оваа година.Додека, пак, дел од граѓаните веќе од почетокот на минатата недела на своите конта ги добија сумите колку што „заработиле“ од трошење и скенирање на фискални сметки почнувајќи од први јануари па заклучно со 31 март оваа година.
Како што е познато, максималната сума што можат да ја добијат граѓаните за скенирање фискални сметки за еден квартал изнесува 2.100 денари.Фактор контактираше со Управата за јавни приходи, прашувајќи зошто дел од граѓаните се уште го немаат добиено повратот врз основа на апликацијата МојДДВ.Оттаму ни одговорија дека исплати се вршат секојдневно, односно како што се обработуваат налозите, така и „скенирачите“ ги добиваат средствата на своите сметки.
На 22 мај годинава, односно во четвртокот минатата недела УЈП извести дека веќе исплатила 175,3 милиони денари, односно 2,85 милиони евра кон 112.000 корисници на апликацијата МојДДВ за скенирани сметки во првото тримесечје од 2025 година.
„Kако се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ“, известуваат даночните власти.Но, оттаму укажуваат и на еден проблем кај самите корисници, а тој е дека тие имаат наведени погрешни трансакциски сметки.
„Напомeнуваме дека според евиденцијата на Управата за јавни приходи 4.724 корисници кои скенирале фискални сметки имаат наведено погрешна трансакциска сметка и поради таа причина УЈП не е во можност да го реализира повратот. Апелираме сите корисници кои во претходните исплати немаат средства на сметките да направат проверка на податоците за трансакциските сметки, доколку увидат неточни податоци за трансакциската сметка истите може да ги сменат директно во апликацијата. На тој начин Управата за јавни приходи ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ“, се вели во последната објава од Управата за јавни приходи.
Исплатата за првиот квартал од годинава стартуваше на 19 мај годинава, за што исто така извести УЈП.Нагласија и дека за првото тримесечје од 2025 година кон 496.531 корисници на апликацијата МојДДВ ќе се исплатат вкупно 790,5 милиони денари, односно 12,5 милиони евра.
„МојДДВ“ е дигитална алатка развиена од Управата за јавни приходи, со цел да се овозможи директно учество на граѓаните во борбата против сивата економија и да се стимулира барањето на фискални сметки. Платформата претставува централен дел од проектот „МојДДВ – Моја награда“, кој беше воведен во 2019 година како дел од пошироката стратегија за зголемување на даночната дисциплина и транспарентност.
Цели на проектот се поттикнување на граѓаните активно да бараат и скенираат фискални сметки, зголемување на регистрираниот промет и намалување на неформалната економија, враќање на дел од платениот ДДВ назад кај граѓаните, како и подигање на јавната свест за важноста на фискализацијата.
На овој начин граѓаните, преку мобилната апликација „МојДДВ“ или веб-платформата, имаат можност да скенираат фискални сметки со QR код, следат преглед на месечен и квартален промет, остваруваат поврат на дел од платениот ДДВ, 15 отсто, и добиваат известувања поврзани со нивниот поврат.
Повратот на ДДВ се врши квартално, директно на трансакциска сметка на граѓанинот. Максималниот поврат е ограничен на 2.100 денари по квартал, а фискалните сметки мора да се скенираат во рок од 10 дена од денот на издавање. Платформата е достапна за сите граѓани со важечки матичен број и трансакциска сметка.
Максималниот износ на повратот преку апликацијата „МојДДВ“ за едно физичко лице за едно тримесечје беше зголемен од 1.800 денари на 2.100 денари, од 1 јануари 2023 година. За семејство со двајца корисници, ова значи дека годишно може да се добијат до 16.800 денари преку „МојДДВ“.
Н.Н.Ф.
Фото: Фејсбук