По објавата на „Слободен печат“ за дивиот паркинг, за помалку од 24 часа имаше реакција и екипите на „Улици и патишта“ поставија десетина столпчиња во должина на тротоарот зад автобуските станици спроти „Веро Џамбо“, со цел да се затвори приодот со автомобили до овој простор. Просторот до зградата на Народна банка, кој долго време служи како импровизиран паркинг за возачите, а е „ничија земја“ за надлежните, од неодамна е заграден со десетина метални столпчиња, за да се спречи влез на автомобили и недозволено паркирање. Но, за упорните и „непослушни“ скопјани нема пречка, па некој веќе извадил дел од поставените столпчиња за да си овозможи влез на дивиот паркинг покрај булеварот Кузман Јосифовски Питу.

По големиот број фотографии и поплаки што дојдоа до редакцијата на „Слободен печат“ за оваа локација минатите недели, ги прашавме Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ околу тоа кој е надлежен за овој простор, но не добивме конкретни одговори, туку нивно меѓусебно префрлање на одговорноста, поради што очигледно е зошто ова место е оставено „без шериф“. Од Општина Центар нè упатија кон ПОЦ, кој според нив има надлежноста за регулирање на овој узурпиран простор во населбата Маџир Маало. Оттаму, пак, за тоа дали се запознаени со овој проблем и начинот на кој граѓаните го користат овој простор и ја уништуваат зелената површина и зошто не ги казнуваат сопствениците што непрописно ги паркираат своите возила, не добивме конкретен одговор околу начинот на кој ќе се справат со овој див паркинг или, пак, дали имаат добиено поплаки од граѓаните. Од ПОЦ само тврдеа дека овој дел од Маџир Маало не е во нивна надлежност и прстот го вперија во Општина Центар, но исто така за првпат беше спомнат и уште еден, трет можен надлежен за овој проблем, ЈП „Улици и патишта“ при Град Скопје. Покрај фактот што возачите започнале да ги паркираат своите возила на зелената површина, навика која подоцна прераснала во просторен див паркинг, тие исто така направиле и излез од „паркингот“ директно низ пешачката и велосипедската патека на тротоарот.

По објавата на „Слободен печат“ за дивиот паркинг за помалку од 24 часа имаше реакција и беа поставени десетина столпчиња во должина на тротоарот зад автобуските станици наспроти „Веро Џамбо“, но ниту еден од надлежните оваа санација не ја објави јавно, што е невообичаено за локалните самоуправи и нивните претпријатија кои практикуваат да ги објавуваат своите успешни проекти на социјалните мрежи. Во меѓувреме, од ЈП „Улици и патишта“ соопштија дека изминатиот месец поставувале нови заштитни столпчиња и вршеле репарација на веќе поставени, но оштетени столбови на повеќе локации низ главниот град. Екипите на градското претпријатие објавија дека во текот на изминатиот месец поставиле вкупно 212 нови заштитни столпчиња на неколку сообраќајници и тоа на улиците Димитрие Чуповски, Козле, Филип Втори, Перо Наков, на булеварот Гоце Делчев и кај Музејот на македонската борба. Паралелно со поставувањето на новите, од претпријатието истакнаа се извршила и санација на 844 оштетени и искршени заштитни столпчиња, на повеќе од 40 градски сообраќајници. -Одржувањето на сообраќајната опрема, санацијата на оштетени и обновувањето со нови заштитни столпчиња се изведува со цел спречување непрописно паркирање на возилата, како и за зголемување на безбедноста на пешаците – информираа од претпријатието.
