Јапонскиот производител на автомобили „Нисан“ планира значително кратење на трошоците, што, според извештаите, ќе доведе до откази за 20.000 работници низ целиот свет, од вкупно околу 130.000 луѓе кои ги вработува компанијата, пренесува „Скај њуз“. Производителот на автомобили, кој вработува околу 6.000 работници во својот голем производствен погон во Сандерленд во Велика Британија, уште во ноември лани објави дека ќе отпушти 9.000 работници на глобално ниво поради послабата продажба и зголемените трошоци.
Сепак, јапонскиот радиодифузер НХК вчера јави дека се очекува тој број да се зголеми повеќе од двојно. „Нисан“ сè уште официјално не ги коментираше овие информации, додека се чека компанијата да ги објави финансиските резултати за фискалната година што заврши во март. Се очекува „Нисан“ да забележи нето загуба од над 4,5 милијарди долари поради серија отписи на неговите деловни единици. Ова ќе бидат првите финансиски резултати што „Нисан“ ќе ги објави откако назначи нов извршен директор минатиот месец.