Владејачката партија ќе бара модификација на законот за амнестија за да спречи и осудени за „Монструм“ да бидат опфатени со амнестијата, како и помагачи по извршено кривично дело тероризам, убиство, силување…, иако Алијанса за Албанците имаше поинаков план.Амнестијата нема да важи и за кривично дело од член 365 од Кривичниот законик ако помагањето е за кривични дела за кои не е дозволена амнестија. Ова ќе биде амандманот на владејачката СДСМ, со коj ќе бара модификација на законот за амнестија за да се спречи и осудени за „Монструм“ да бидат опфатени со амнестијата, дознава „Слободен печат“. Ова ќе значи дека со амнестија нема да бидат опфатени помагачи по извршено кривично дело тероризам, убиство, силување… односно дела за кои не важи законот за амнестија.
Амандман на законот, предложен од министерот за правда Кренар Лога, најави премиерот Димитар Ковачевски откако „Слободен печат“ објави дека со амнестија ќе бидат опфатени и Хаки Азири и Фејзи Азири, осудени за делото помагање по извршено дело за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, попознато како „Монструм“.
Иако владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците се судрија за измените на Кривичниот законик (КЗ) и за законот за амнестија, сепак, додека Лога одбегна да биде предлагач на КЗ, неговата заменичка Викторија Аврамовска Мадиќ е потписник на Предлог-законот за амнестија. Ковачевски, пак, потврди дека со лидерот на АА, Арбен Таравари, не се сретнал, но дека телефонски разговарал за законот за амнестија.
Премиерот информира дека Предлог-законот за амнестија е веќе испратен во Собранието без европско знаменце и нагласи дека не е правен за личности, туку за дела од помал обем, со намера релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово. Од Собранието информираа дека законот е пуштен во процедура по скратена постапка, што значи дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да го блокира со илјадници амандмани. По различните ставови во СДСМ за потребата од амнестија, блокадата на законот од опозицијата е посакувано сценарио за СДСМ.Ковачевски, исто како и Лога, тврди дека законот за амнестија бил на увид кај пратениците, вклучително и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека не е точно оти не го виделе законското решение.
– Јас имав свој став во однос на законот и пратеничката група на СДСМ веднаш ќе поднесе амандман кога ќе влезе во процедура законот за да не постои можност да бидат вклучени одредени лица во дел на оваа амнестија. Постојат и други мислења од други политички партии. Јас сум разговарал со министерот за внатрешни работи затоа што е дел, исто како што е ВМРО-ДПМНЕ, од носењето ист ваков закон во 2018 година, кога сите го поддржаа. Дури овој закон е порестриктивен од оној во 2018 година. Во зависност од работата што ја извршуваат, некои од нив имаат емпириски податоци какви ефекти има. Министерот Лога има став во однос на сместувачките капацитети. Бројот на места во затворите изнесува околу 2.113 и во моментот има 2.113 лица во затворите. За издржување казна чекаат уште 2.200. Во моментот се потребни 4.000 места за сите – рече Ковачевски.
Тој потврди дека има резервираност кај дел пратеници и министри за амнестијата и дека за растоварување на затворите треба да се има стратегиски пристап. Ковачевски ја потврди изјавата на Лога дека наскоро ќе почне изградба на нов затвор во Идризово, со сместувачки капацитет од 900 места и дека ќе се реновира постојниот затворски капацитет. Премиерот ја истакна и пробацијата и електронските алки како алтернативни мерка на затворската казна за растоварување на затворите.
– Различни мислења за законот покажуваат дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение што ќе биде прифатливо за сите партии и за јавноста, но може да се дојде и до решение што нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат – рече Ковачевски.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вели дека за несогласувањето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со законот за амнестија, има две опции.
-Едната е ако не се согласува да ја напушти Владата, а втората опција е Спасовски да престане да прави театар, да молчи и да прифати дека тие што се опфатени со законот се озлогласени криминалци, луѓе што тргувале со недозволени супстанции или познати како наркодилери, переле пари, вршеле изнуда, насилство – рече Мицкоски.