Фото Слободен печат / Драган Митрески
„Ја убиле Вања така брзо, ладнокрвно, сигурни во монструозниот план дека никој никогаш нема да ја пронајде, оставајќи ја закопана во дупка покриена со разни предмети. Немале ни грам совест и човечност, ниту родителско чувство, иако сите четворица што ја грабнале и убиле Вања, имаат сопствени деца на кои грабнувајќи и убивајќи сакале да им обезбедат удобен живот, да им купат станови, да им прават свадби и да се веселат покрај нив“, рече денеска во основниот кривичен суд обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска во завршен збор за предметот за убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За убиствата се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. За помагање обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за кого обвинителството наспроти одбраната тврди дека ѝ дојавувал на групата кога таа ќе оди на училиште.
Обвинителството до крајот остана на мотивот кој го срочи на почетокот на постапката – дека Вања и Панче биле грабнати и убиени од користољубие и покрај тоа што никогаш не бил побаран откуп, а Вања била веднаш егзекутирана. Првообвинетиот Палевски се решил на неработен ден експресно да си ги спакува куферите и да си замине од Македонија, за да не биде достапен за органите на прогонот со изговор медицински проблеми со грбот, иако немал ни закажан преглед ни медицинска документација ниту за Турција ниту за Србија, рече обвинителката во завршните зборови. Палевски го нарече „незаменлив лидер – диригент кого слепо го слушаат извршителите“ истакнувајќи дека на само неколку денови пред важен настан за партијата „Десна“ тој избегал преку граница за да не ги сноси последиците за сторените недела.
Ќерката на убиениот Панче Жежовски во судница плачеше додека ги слушаше описите за тоа како татко ѝ бил убиен и оставен во длабока дупка, а обвинителката Крстевска Јосифовска посочуваше дека иако поминале доволно денови после убиството на Панче, сепак, ниту еден од обвинетите не покажал реакција на човечко суштество туку со леснотија се впуштиле и во грабнување и убиство на 14-годишно девојче.
Невино девојче што ништо не им направило на обвинетите а татко си искрено го сакала и му посветила состав на училиште за најдобар татко. Таткото чудно се однесувал уште по исчезнувањето на Вања, сигурен и цврст дека таа е киднапирана воопшто не прашувајќи дали другото негово дете е безбедно и каде е. Тгнал сам со кола да ја бара Вања а притоа одел во ист правец со автомобилот во кој се движеле и обвинетите по грабнувањето на Вања, рече Крстевска Јосифовска.
Обвинителката во завршните зборови рече дека кога жртвата е дете, тогаш болката и неправдата што се создаваат се немерливи, длабоки и далекусежни затоа што децата се симбол на невиноста и на човечката надеж.
-Убиството, особено убиството на дете не е само чин на суровост и бруталност, туку тоа е директен напад врз човечноста и самата срж на општеството. Тоа е злосторство што не остава простор за молк или рамнодушност. Тоа е чин што не може и не смее да се оправда ниту да се заборави. Со секое такво дело, не се уништува само едно мало суштество туку и вербата во добрината во правдата и во иднината. Од хуманистички аспект, сторителите на предметните злодела заслужуваат не само правна, туку и длабока морална осуда од целото општество. Тие ја прекршуваат не само буквата на законот, туку и суштината на човековото битие – сочувството, емпатијата, совеста, истакна обвинителката посочувајќи дека овие убиства ја вознемирија не само македонската туку и пошироката јавност.
Според ОЈО, обвинетите Велибор Манев од Велес, Боре Видевски од Велес, Влатко Кешишев со постојан престој во политичката партија „Десна“, Љупчо Палевски со постојан престој во политичката партија „Десна“ се познавале меѓу себе доволен временски период за да можат заедно успешно да сковаат морбиден план – филмско сценарио. За тоа сценарио, прво им требало да дојдат до возило со сопственик кој е поосамен, кој нема веднаш да биде баран и нема брзо да биде најден.
-Преокупирани со ваква мисла, овие обвинети неколку месеци анализирале и го одбрале Панче Жежовски заради возилото „Цитроен“ што има голем гепек, а Жежовски живеел сам. Го грабнале и убиле на 22 ноември 2023 година, го закопале во длабока дупка и со неговото возило само после два дена на 24 ноември 2023 година во петок, на улицата „Наум Наумовски Борче“ се обиделе да ја грабнат и Вања Ѓорчевска, наведе Крстевска Јосифовска.
Таа смета дека за ова четворицата биле известени од таткото Александар Ѓорчевски дека Вања тој петок ќе оди сама на училиште, бидејќи сестра ѝ Миња традиционално во петок немала прв час. Александар Ѓорчевски во текот на целото судење негира било каков контакт со било кој од политичката партија „Десна“ и другите обвинети, а не беше презентиран ниту еден доказ во смисла на телефонска комуникација за наводното информирање кон групата на Палевски.
Обвинителството во завршните зборови посочи дека првиот обид од петокот да биде киднапирана Вања не успеал поради гужва во сообраќајот, ама во понеделникот сите четворица навремено тргнале од седиштето на партијата „Десна“ кое се наоѓало кај железничката станица во Скопје за да ја извршат абнормалната задача. Носеле радио-станици а мобилните телефони ги оставиле дома во Велес или во седиштето на партијата за да не бидат пронајдени.
Обвинителството против таткото Александар Ѓорчевски искористи и негова смс-порака во која ѝ кажувал на Вања вечерта во неделата пред таа да биде грабната, да се облече топло. Одбраната таа порака ја толкува како татковска грижа и голема посветеност, а не како соучесништво во ликвидација.
Во завршните зборови на обвинителството беа посочувани исказите на сите сведоци кои досега се произнесоа на главната расправа, вклучително и Гоце Трајковски кој тврдеше дека самиот направил поврзување на возилото „цитроен“ што беше исчезнато и исчезнувањето на Вања, и тоа пред полицијата. Трајковски и Александар Ѓорчевски всушност во текот на расправата тврдеа дека поради тоа што полицијата не работела како што треба, тие правеле натчовечки напори да го најдат девојчето и успеале.
Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитриевска денеска на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски го прецизираа обвинителниот акт во поглед на тоа во колку часот се случиле убиствата.
Обвинителството тврди дека убиството на Вања Ѓорчевска се случило меѓу 8 часот и 30 минути и 9 часот и 30 минути, а убиството на Панче Жежовски во 11 часот.
Адвокатот на Боре Видевски не го обезбедил видеото од бензинската станица „Макпетрол“, кој на претходно рочиште сам го приложи па затоа судот пристапи кон изведување на завршните зборови од страна на Обвинителството.Обвинителството тврди дека не постои видеозапис од бензинската станица „Макпетрол“ Велес, на кој се забележани Панче Жежовски и обвинетите.