Словенечката Влада денеска одобри продолжување на постапката за набавка на оклопни возила со осум тркала од финската компанија „Патрија“, а договорот, проценет на околу 700 милиони евра, вклучува набавка на 106 возила.
Словенечкиот министер за одбрана Борут Сајовиќ на прес-конференција по владината седница изјави дека целта е со купување на борбени возила да се формираат две борбени единици со големина на баталјон – извидничка и борбена единица со средна големина, пренесува СТА. Според него, првата единица ќе се состои од 53 оклопни модуларни возила (АМВ), кои ќе бидат купени до 2027 година, додека втората единица, која ќе биде формирана меѓу 2026 и 2030 година, ќе има исто толку борбени возила. Како што беше најавено, словенечката влада ќе набавува борбени возила директно од финската влада, а со нивното купување ќе се заштедат над 400 милиони евра, во однос на првично планираната, поскапа набавка на возилата „боксер“.