Снегот што синоќа падна во Преспа и ниската утринска температура на воздухот целосно ќе ги оштетат и уништат овоштарниците во Преспа. Според Горан Стефановски, раководител на работна единица Ресен што е во состав на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство, над 3000 хектари со јаболкови насади целосно ќе бидат уништени во овој неочекуван студен бран што ја зафати и Преспа. -Снегот што падна во текот на вчерашниот ден и ноќеска, како и утринските температури на воздухот кои деновиве ќе бидат под нулата ќе ги оштетат и уништат овоштарниците во цела Преспа.
Според првичните процени јаболката ќе бидат 90 насто уништени, а некаде и целосно, односно 100 отсто. Процените ќе ги вршиме откако ќе заврши овој студен бран кој за жал веќе предизвика катастрофа во Преспа – изјави за МИА, Стефановски. Во Преспа под јаболкови насади се над 3000 хектари, а од нив најмногу е застапена јаболковата сорта ајдарет но и други преспански јаболка. -Годинешниот род од ајдарет кој е застапен со околу 60 отсто од вкупните јаболкови површини, потоа сортите муцо, златен делишес, црвен делишес, фуџи, чадел и останатите сорти јаболка со овој студен бран целосно ќе бидат уништени, а со тоа и јаболковиот род во Преспа, нагласи Стефановски, раководител на Р.Е. Ресен при АПРЗ-Битола.