Предлогот претседателката Гордана Сиљановска – Давкова Трајко Славески да биде нов гувернер на Народна банка според информациите од Собрание, ќе биде на дневен ред на собраниска седница на 3 јуни. Последниот четврток од овој месец, односно на 29 мај ќе има седница за пратенички прашања, на која предлогот нема да биде ставен на дневен ред, туку ќе биде ставен на седницата закажана по пратеничките прашања. Кабинетот на претседателката вчера попладне соопшти дека вчера го доставила предлогот до Собрание.
-Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка – соопшти вечерва кабинетот на претседателката. Славески е професор на Економскиот факултет, долгогодишен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии во владата на Никола Груевски. Во моментов, Славески ја извршува функцијата претседател на Советот на Град Скопје.
-При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати – се вели во соопштението. Името на кандидатот за гувернер кој ќе ја добие поддршката од Сиљановска Давкова беше предмет на повеќедневни натегања во јавноста, а се шпекулираше и со имињата на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежовска, како и на поранешниот министер за финансии, Зоран Ставревски. Гувернерот се бира со мандат од седум години, а кандидатот треба да добие мнозинство од гласовите во Собранието.