Пратеници од Комисијата за одбрана и безбедност (КОБ) остварија средба со Асоцијацијата на одбранбени атешеа акредирани во Република Северна Македонија, на која присуствуваа и претставници од Министерството за одбрана и од Армијата. Од дискусијата на средбата произлезе заклучок дека редовната размена на мислења со одбранбените аташеа акредитирани во земјава треба да стане практика за Комисијата за одбрана и безбедност, како и вклучување на експерти за поефикасно учество на ова работно тело на Собранието во креирањето на безбедносните политики. Претседателот на КОБ, Павле Арсоски, ги информираше присутните за структурата и за надлежностите на законодавниот дом, посебно во делот на одбраната и безбедноста. Во тој контекст, се осврна и на вкупната поставеност и на поделбата на ингеренциите и на надзорот меѓу институциите на државата, со кои ова работно тело на Собранието, како што рече, остварува постојана соработка.
Арсоски се осврна и на активностите на КОБ од почетокот на мандатот на овој парламентарен состав, а зборуваше и за плановите за работа во наредниот период. Посебно го истакна остварувањето на стратшката цел на земјава за членство во НАТО, при што информираше и за нашето учество во мисиите на Алијансата, како и за процесите на модернизација на Армијата и на опремата. Членовите на КОБ споделија мислења и за интеграција во Европската Унија, како уште една од стратешките цели кон чие исполнување се стреми државата, при што беше посочено дека и овие процеси се рефлектираат на безбедносниот контекст во регионот. На средбата, се дискутираше и за вклученоста на Северна Македонија во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и за солидарноста кон Украина, каде што овој месец се навршуваат три години од почетокот на руската инвазија.