Во текот на животот, секоја жена, може да се соочи со болест на гениталните органи, која ќе треба да се евалуира, дијагностицира и да се одбере соодветно решение што можеби ќе значи операција. Дел од состојбите за кои може да биде потребна хируршка интервенција се цисти на јајници, фиброиди, односно, миоми како и полипи или прегради на матката, абнормално утерино крвавење, карлична болка или проблеми во однос на спад на гениталните органи и несакано испуштање урина. За среќа денес, минимално инвазивната гинеколошка хирургија честопати е опција што ја заменува класичната операција. Пациентите ја напуштаат болницата на денот на операцијата или следното утро со помала постоперативна болка и со побрзо враќање во секојдневните обврски и нормалниот живот.
Што е минимално инвазивна гинеколошка хирургија? Минимално инвазивната хирургија е хируршки пристап при кој се применуваат мали резови на кожата. Но, тука спаѓаат и процедури без никаков рез на кожата, кога целата интервенција се изведува по вагинален пат со помош на специјализирани алатки (инструменти и камера) за извршување на самата операција. Во овој вид гинеколошка хирургија спаѓаат следниве минимално инвазивни гинеколошки процедури: хистероскопска, лапароскопска и вагинална хирургија. 1. Хистероскопска хирургија Хистероскопијата користи мал телескоп (хистероскоп) за визуализација на шуплината на матката преку вагината без потреба од рез со минимално време на закрепнување. Се изведува во случаи на абнормално, ирегуларно, обилно крвавење од утерус, како отстранување миоми што проминираат во шуплината на матката, полипи, присутни интраутерини атхезии од претходни процедури, во решавање конгенитални аномалии на утерусот и на вагината во вид на прегради.
Може ли да се примени минимално инвазивна хистероскопска процедура наместо хистеректомија? Апсолутно. Постојат одредени состојби што денес може да се третираат со минимално инвазивна хирургија без потреба од хистеректомија. Секоја пациентка, секој проблем е индивидуален, па така и консултацијата, решението треба да биде приспособено на нејзините потреби, планови, со изготвување индивидуален план за терапија. Хистероскопската техника, наречена уште ендометријална аблација, е третман за обилни менструални крварења кои доведуваат до хронична анемија кај пациентката. Со оваа минимално инвазивна процедура кај одредени пациентки може да се заобиколи потребата од поголема операција како хистеректомијата. 2. Лапароскопска хирургија Ефикасен третман што резултира со пократок престој во болница, помала болка, пократок период на закрепнување и побрзо враќање на секојдневните активности. Лапароскопијата користи мал телескоп и специјално дизајнирани инструменти што преку мали резови на абдоминалниот ѕид, или понекогаш преку вагината без рез на кожата на абдоменот, се пласираат во абдоминалната шуплина, при што се визуелизираат внатрешните органи. Лапароскопот (камерата) е поврзана со видео монитор, што му овозможува на хирургот да ја визуелизира анатомијата и да изврши сложени операции со минимална траума на пациентот.
Кои гинеколошки проблеми можат да се решат со лапароскопија? Со напредокот на технологијата опсегот на можности на лапароскопската хирургија се зголемува. Лапароскопската хирургија може да биде соодветна за евалуација и третман на карлична болка, ендометриоза, цисти на јајниците, миоми на матката, ектопична бременост. Лапароскопијата е исто така безбеден начин за отстранување на матката или на јајниците. 3. Вагинална хирургија. Минимално инвазивен пристап без присутни резови на кожа. Ги има сите предности за закрепнување поврзани со лапароскопската и хистероскопската хирургија. Најчесто се користи при проблеми со статика и спад на женските генитални органи, интервенции на грлото на матката, како и во решавање на проблемите со стрес инконтиненција на урината. Во поново време вагиналниот пристап се користи и при лапароскопски гинеколошки процедури, место преку кожата на стомакот. Закажете го вашиот преглед или консултација кај доц. д-р Ирена Андонова, специјалист гинеколог – перинатолог, на телефон 02/3091-484, 070 383 270 или на е-пошта [email protected]. доц. Д-р Ирена Андоновa Специјалист гинеколог-перинатолог