Експертската група на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) ги пофали хрватските власти за законодавен и политички напредок во оваа област, но предупреди за недостатоци во идентификацијата и помошта на жртвите, пренесува Н1 телевизија.
ГРЕТА денес го објави најновиот извештај за евалуацијата на Хрватска за периодот од 2020 година.
„ГРЕТА го поздравува усвојувањето на хрватскиот Национален план за борба против трговијата со луѓе (2024-2030), кој предвидува мерки насочени кон подигање на свеста за трговијата со луѓе кај ранливите групи и спречување на онлајн трговијата со луѓе, како и подобрување на идентификацијата и упатувањето на жртвите за помош“, се вели во соопштението за медиумите на Советот на Европа, институција за промоција на човековите права и демократијата со седиште во Стразбур.
Бројот на жртви формално идентификувани од полицијата во Хрватска е преполовен од 200 на 105 во споредба со претходниот период на известување.
Поголемиот дел од жртвите биле жени, а сексуалната експлоатација била доминантна форма на експлоатација, проследена со присилен криминал, трудова експлоатација и принуден брак, се вели во извештајот. Огромното мнозинство жртви биле хрватски државјани.
„Бројот на работници мигранти во Хрватска значително се зголеми и тие се изложени на ризици од експлоатација и трговија со луѓе. Иако ги поздравува законските измени воведени за да се обезбеди поголема заштита на работниците мигранти, ГРЕТА верува дека човечките и финансиските ресурси на Државниот инспекторат треба да се зголемат за да им се овозможи на инспекторите за труд да спречуваат и откриваат случаи на трговија со луѓе и да го зајакнат мониторингот на приватните агенции за вработување“, наведува ГРЕТА.
Барателите на азил, вклучително и децата без придружба, се исто така ранливи на трговија со луѓе, а нивниот број се зголеми во последните години.
ГРЕТА ги повикува хрватските власти да воспостават процедури за проверка и на ранливоста на барателите на азил, вклучително и на граничните премини, и да обезбедат дополнителна обука за граничните службеници и службениците за азил за да се овозможи рана идентификација на жртвите на трговија со луѓе.
Извештајот изразува загриженост за недостатоците во обезбедувањето помош на жртвите на трговија со луѓе и сместувањето на децата жртви во институции за деца со проблеми во однесувањето. Меѓу препораките на ГРЕТА е обезбедување доволен број места за жртвите на трговија со луѓе во специјализирани засолништа и обезбедување пристап до засолништа без дискриминација.