Советот на јавни обвинители денеска избра 31 нов јавен обвинител за 10 основни јавни обвинителства. Кандидатот пријавен за обвинителствата во Гостивар и Кичево не го добил потребниот број гласови, а во пет обвинителства воопшто немало пријавени кандидати. Како што беше предвидено, на денешната седница требаше да бидат избрани 47 нови јавни обвинители. Како што соопштија од Советот по денешната седница, во Основно јавно обвинителство Скопје избрани се кандидатите Сашо Палчевски, Бурханедин Нухију, Ирина Црвенковска, Јана Ристеска, Милена Новеска Латиновска, Кристијан Смилевски, Бојана Ваневска, Илир Зајази, Александар Софронијовски, Динче Стојановска, Марија Секуловска Велковска, Марина Галева, Орхан Арифовски и Давид Неделков.
Кандидатот Арсим Адеми кој поднел кандидатура за јавните обвинителства во Гостивар и Кичево не го добил потребниот број на гласови, а за Основните јавни обвинителства во Крива Паланка, Велес, Струга, Кочани и Радовиш воопшто немало пријавени кандидати. За јавното обвинителство во Ресен, пак, бил пријавен само кандидатот што Советот денеска го избра за обвинител во ОЈО Охрид. Пред денешниот избор, беше утврдено дека недостигаат 100 обвинители и дека пополнети се само две третини или само 164 од вкупно 261 предвидени јавнообвинителски места на ниво на државата.