Земјите од Балканот отворија можност за соработка во областа на танцовата уметност преку платформата „Мувинг Балканс“, чија иницијација и прва заедничка активност се одржа од 10 до 13 мај во Љубљана, Риека и Загреб. Платформата за современ танц „Мувинг Балканс“ (Moving Balkans) е нова динамична соработка на професионалци од областа на танцот од целиот Балкан. Мисијата на платформата е да го подигне значењето и развојот на современиот танц во регионот и да го позиционира конкурентно во Европа. Преку регионална мрежа на партнерства, презентации, иницијативи за мобилност на уметници, работилници, кокреации и активности за градење капацитети, целта на платформата е да ги оспособува професионалците од областа на танцот и да ја подигнува свеста за живата танцова сцена на Балканот.
Во срцето на платформата се наоѓаат релевантни меѓународни партнери, секој од нив играјќи клучна улога во обликувањето на пејзажот на современиот танц во регионот. По азбучен ред, главните партнери се: „Албанија денс митинг“ (Albania Dance Meeting) од Албанија, „Арт линк фондација“ (Art Link Foundation) од Бугарија, Асоцијацијата за современ танц (Contemporary Dance Association) од Словенија, Хрватскиот културен центар во Риека од Хрватска, Хрватскиот институт за движење и танц од Хрватска, „DAN.C.CE Unitiva“ од Грција, „Ен-Кнап продукции“ од Словенија, Културниот центар „Интерарт“ од Македонија, Центарот за урбана култура „Кино Шишка“ од Словенија, Националниот центар за танц во Букурешт (The National Center for Dance Bucharest) во Романија и Студентскиот културен центар од Нови Сад во Србија.
Платформата е отворена за нови членови што ќе имаат желба да се приклучат во иднина, бидејќи заедно ќе бидат обединети во нивната посветеност на поттикнувањето на креативноста, соработката и иновациите во областа на современиот танц низ целиот Балкан и пошироко. Проектот е кофинансиран од Европската Унија. Идејата за основањето на платформата се појавила пред околу две години, кога на најголемата платформа за современ танц „Танцмесе“ во Диселдорф Атанас Димитров Маев од Центарот за современ танц „Дерида“ од Бугарија забележал дека речиси нема учесници од Балканот. Тоа го запалило црвеното светло дека нешто мора да се промени. Така се појавила иницијативата да бидат поканети сите водечки центри за современ танц на Балканот да се приклучат кон иницијативата за формирање на платформата „Мувинг Балканс“. На првиот повик одговориле 12 организации од целиот Балкан, во преговори за пристап се и организации од Турција, а отворена е вратата за соработка и со центри од Косово и од Црна Гора. Името на платформата „Мувинг Балканс“ се појавило по низа заеднички разговори на претставници на 12-те организации. Преку името се дава на знаење дека платформата сака да ја раздвижи енергијата, која е многу статична на Балканот, и да им се даде можност на танц-организациите и компании од Балканот да се придвижат надвор од границите на своите држави, па и надвор од Балканот.
– Со платформата зацртавме неколку нивоа на работа. Тие се зајакнување на знаењето и стручноста во областа на современиот танц преку едукација, да се прават селекции и шоукејс-програми за презентација на балканските уметници пред интернационални професионалци, да се децентрализира танцот и со користење на алатките на вештачката интелигенција да се претставува во малите места и градови каде што нема сцена и театри, потоа да се поттикне создавањето копродукции за да може почесто да има комуникација помеѓу танцовите организации, како и постојано да трае процес на размена на искуства помеѓу членовите на платформата – објаснува Атанас Димитров Маев од Центарот за современ танц „Дерида“ од Бугарија.

Уште на првата заедничка активност, што се одржа од 10 до 13 мај во Љубљана, Риека и Загреб, платформата „Мувинг Балканс“ почна да функционира како едно големо семејство. Меѓу иницијаторите на платформата е Студентскиот културен центар од Нови Сад од каде што доаѓа Марија Поповиќ, која партнерите почнале да ја нарекуваат Змаја (доаѓа од жена-змај) затоа што силно се вложила во работата што побрзо и подобро да профункционира платформата. Со искуството што го има во однос на аплицирање за европски проекти, Змаја ја има функцијата да ги пополни сите неопходни документи и да дава извештаи за сите активности на платформата. Таа ни објасни дека осум од 12-те членки на „Мувинг Балканс“ веќе биле дел од европската платформа „Аеровејвс“, што значи дека веќе биле здружени во заедничка соработка во областа на танцот, а со новата платформа, практично се става фокусот на Балканските држави. – Балканскиот танц не е доволно презентиран во Европа и тоа е суштинската причина за формирањето на „Мувинг Балканс“. Затоа одлучивме да поканиме танцови организации од целиот Балкан да се вклучат во работата на платформата за да можеме заеднички да настапиме и на европската танцова сцена – објаснува Марија Поповиќ од Нови Сад.

Свечената церемонија на промоцијата на платформата „Мувинг Балканс“ се одржа на 10 мај во културниот центар „Шпански борци“ во Љубљана, каде што домаќин беше Изток Ковач од „Ен-Кнап Продукции“. Центарот е во сопственост на градот, а со него управува продукцијата „Ен-Кнап“, чиј претставник во платформата е Ковач. На сцената беше изведена претстава „Ремек-дело за шест танчери“ на кореографите Емесе Чухорка и Чаба Молнар.
Во рамките на тридневната програма со која беше иницирана работата на платформата „Мовинг Балканс“ беа изведени десет претстави, кои беа селектирани од 174 апликации на уметници и танцови групи од целиот Балкан. Во Љубљана претставите беа изведувани на сцената во „Шпански борци“, Куклениот театар – Љубљана, Музејот на старата електрана и во Центарот за урбана култура „Кино Шишка“. На 12 мај учесниците и делегатите на првиот шоукејс на „Мувинг Балканс“ се преселија во Риека, на сцените на „Филодраматика“ и во Хрватскиот културен центар на Сушак, каде што домаќин беше Едвин Либериќ. Последната вечер на 13 мај се одржа во Загреб, со претстави во Културниот центар „Травно“ и во Загребскиот центар за танц.

Покрај претставите, во Љубљана и во Риека се одржаа и шест пичинг-сесии за претставување проекти на уметници од Балканот пред присутни директори и селектори на европски фестивали, како и пред новинари за култура и танц од цела Европа. Културниот центар „Интерарт“ од Скопје во текот на трите дена ја претставуваше македонската танцова сцена, како еден од партнерите кој прв се приклучил на „Мувинг Балканс“. – Истиот мотив стои зад приклучувањето на „Интерарт“ како конститутивен член на платформата „Мувинг Балканс“, кој организацијата го има за сите свои проекти. Тој произлегува од длабока заложба за зајакнување на регионалната соработка и промоција на современиот танц како важна алатка за културна размена, критичко размислување и општествена трансформација. Како организација што повеќе од 30 години работи на развојот на современата танцова сцена во Македонија, го препознавме „Мувинг Балканс“ како стратешка можност за вмрежување и соработка со партнери од сличен профил, кои ги делат истите вредности и стремежи и кои ја имаат истата цел: подобрување на позицијата на танцот и танцовите уметници во општеството. Чувството по учеството на првата шоукејс и пичинг сесија во Љубљана, Риека и Загреб е одлично и малку надреално, затоа што стигнавме до овој момент. Имавме можност да прикажеме 16 извонредни уметници пред публика од околу 100-тина куратори, новинари и директори на фестивали и други организации со глобален контекст. Покажавме дека овој реон, кој честопати е занемарен од европската и глобалната сцена, има силен потенцијал, креативност и капацитети. Понатаму продолжуваме со обновена енергија и мотивација да продолжиме со нашата мисија – градење платформи за истражување, едукација и интернационализација на македонската современа танцова сцена.
За Македонија, ова значи вклучување во една поширока културна мрежа што не само што создава видливост за домашните уметници, туку и активно придонесува за репозиционирање на регионот како иновативен и културно релевантен простор на европската и светската танцова мапа. Визијата на „Интерарт“ е токму тоа – да биде двигател на современите уметнички практики и да овозможи простор каде уметноста се развива преку дијалог, соработка и континуирана едукација – изјави Матеа Мијановиќ, извршен продуцент на „Интерарт“.

Во рамките на четиридневната програма во трите градови Македонија не учествуваше со претстава или танцов перформанс, туку можност да ја презентира својата креативност и визија за танцовата уметност имаше младата танцова уметница Ивана Балабанова. Пред присутните делегати на пичинг-сесијата што се одржа во Риека, Балабанова го презентираше својот нов проект „Југо“, со намера да најде партнери што ќе ја поддржат неговата реализација. – Иако сме постојано на сцената, светот на уметноста никогаш не престанува да нè предизвикува. Да се претставиш пред некои од најголемите танцови фестивали и организации од Европа беше навистина неверојатно искуство – полно со адреналин, возбуда и чувство на одговорност. Заедно со колегите од Грција, Албанија и Словенија имавме можност да соработуваме со Олоф Инголфсдотир од Исланд, каде што заеднички ја подготвивме презентацијата. Мојот пристап остана верен на тоа што го практикувам – искреност, отвореност и концизност, со цел да ги доближам делегатите до мојата уметничка пракса и визија, создавајќи простор каде што можат да почувствуваат дел од мојот танцов универзум. Во свет каде што се навикнати на брзи и шокантни презентации, јас сè уште верувам дека да останеш свој е единствениот исправен начин.