Македонците кои живеат и студираат во Солун, денеска точно напладне организираат собир „Солун во молк за Кочани“ на централниот плоштад „Аристотел“ каде ќе им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, пренесува МИА. Предвиден е 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви кои трагично загинаа во дискотеката „Пулс“, но и една минута молк за возачот на брзата помош, кој почина откако 32 часа непрекинато превезуваше повредени од пожарот. Дополнително, во спомен на загинатите ќе има и црни балони, а преку социјалните мрежи објавија повик „Солун се солидаризира со Кочани“.
-Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка, пишува во повикот за собирот. Повикот за 60-минутен молк во Солун за жртвите во Кочани го пренесоа и дел од грчките медиуми, пред сè солунските информативни портали, но и државната телевизија ЕРТ. Собирот е закажан за 12 часот по локално време на плоштадот „Аристотел“.