Работењето на градоначалникот на Велес, Марко Колев, и неговиот кабинет за 3,5 години од четиригодишниот мандат е постојано предмет на анализа, посебно во делот на јавните набавки, роднинските вработувања, непостапувањето или криењето на анализите на сега веќе мртвото езеро Младост, како и за урбанистичкиот масакр на крајбрежјето на истото езеро. Колев ги вознемири екологистите и граѓаните што уживаат во природата на велешкото езеро Младост откако неговата општина издаде одобрение за апартмани за продажба наместо за хотелски комплекс и ги излажа граѓаните дека нема да дозволи понатамошна урбанизација на крајбрежјето. Пишува: Орце КОСТОВ „Продавам тракторче од 45.000 евра, само за градоначалници“. Ова во јануари 2024 година беше истакнато на цена пред пазарот во Велес при герила акцијата на велешани во знак на револт кон градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, поради јавната набавка на општината, која купи машина за бележење хоризонтална сообраќајна сигнализација по цена од 44.000 евра. Една година подоцна, и покрај пишувањата на медиумите дека машината е набавена за тројно повисока цена, споредено со некои општини како Центар и Илинден, кои ги набавиле машините за многу помала сума, како и покрај објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија дека набавката е проблематична, нема ниту објаснување од Општина Велес, ниту постапување од Антикорупциска комисија.
Извештајот беше објавен во декември 2024 година и во истиот момент кога беа објавени заклучоците, сите фотографии од тракторчето како се работи со него по улиците низ Велес што беа објавени на официјалните профили на општината и градоначалникот Колев беа избришани. Работењето на Колев и неговиот кабинет за 3,5 години од четиригодишниот мандат е постојано предмет на анализа, посебно во делот на јавните набавки, роднинските вработувања, непостапувањето или криењето на анализите на сега веќе мртвото езеро Младост, како и за урбанистичкиот масакр на крајбрежјето на истото езеро. „Фокус“ дознава дека политиката на Колев, кој е во кумска врска со Стево Крстевски од СДСМ и поранешен директор на ФЗОМ, не наишла на одобрување во ВМРО-ДПМНЕ и дека тој нема да биде кандидат за градоначалник на владејачката партија. На локалните избори следната есен ќе се оди со нов кандидат, најверојатно со некој од пратениците Александар Јамалов или Игор Здравковски. КАДЕ ЗАВРШИ СПОРНОТО ТРАКТОРЧЕ? Во неможност Општината да го користи тракторчето бидејќи нема регистрирано одделение за вршење на таа дејност, машината за бележење улици со хоризонтална сигнализација, тоа е дадено на приватна компанија регистрирана за таква дејност на која градот ѝ плаќа само за услугата. Фирмата е „ATC Инженеринг ДООЕЛ“ од Велес, со која општината склучила едногодишен договор на 6 март 2024 година, а набавката чинела 300.000 денари. Според фотографиите од профилите на општината, приватната фирма го користи тракторчето, кое, пак, претходно беше дадено на трајно користење на јавното комунално претпријатие „Дервен“ од Велес. На прашањето „Зошто приватната фирма АТС од Велес, која го доби тендерот за бележење на улиците, го користи тракторчето купено со општински пари, а е дадено на трајно користење на ЈКП „Дервен“, не добивме одговор од кабинетот на градоначалникот сѐ до затворањето на неделникот.
Според извештајот на ревизорите, Општина Велес минатата година купила машина за бележење хоризонтална сигнализација на улиците, но без притоа да донесе план кои улици ќе се бележат. Во него уште се наведува дека машината му била доделена на ЈКП „Дервен“ на трајно користење, иако претпријатието во рамките на годишниот план за работа за 2024 година немало планирано активности за обележување на хоризонтална сигнализација. Како што соопшти ДЗР, со ревизијата биле опфатени планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавната набавка на машина за бележење на хоризонтална сигнализација во Општина Велес. Ревизорите утврдиле дека Општината пред набавката на тракторчето не направила анализа на движењата на пазарот како постапка која претходни на планирањето на набавката и служи за определување на проценетата вредност во планот за јавни набавки. ДЗР утврдил дека набавната вредност на машината со вклучен ДДВ е приближно 40 отсто повисока од увозната, набавна цена со вклучени увозни давачки. „Недостигот од истражување на пазарот во процесот на планирање на набавката, користењето тендерски документации од други договорни органи без подетални анализи, како и отсуството на конкуренција меѓу економските оператори во процесот на доделување на договорот за јавна набавка влијаеле постигнатата цена за набавената машина за бележење во Општина Велес да е повисока поради што не се уверивме во ефикасното искористување на средствата за набавката “, велат од ДЗР. Според извештајот, набавената машина, врз основа на одлука на Советот на Општина Велес, била доделена на трајно користење на Јавното комунално претпријатие ЈКП „Дервен“, за што било утврдено дека не се целосно уредени меѓусебните односи од аспект на начинот на употреба, локациите на кои ќе се врши обележување на хоризонтална сигнализација и динамиката на активностите на машината за бележење, што влијае врз ефикасно и навремено извршување на активностите од страна на јавното претпријатие. Претпријатието, во рамките на годишниот план за работа за 2024 година, немало планирано активности за обележување хоризонтална сигнализација, а машината и по 3 месеци од нејзината набавка сѐ уште не била ставена во употреба.
„Во делот на нагласување прашања од неизвесност истакнуваме дека со набавката на машината за обележување од страна на Општина Велес, наместо од страна на ЈКП, не е искористена дадената можност од Законот за данокот на додадена вредност, за признавање на влезниот ДДВ во износ од 396 илјади денари како одбитна ставка, во услови кога ЈКП би бил регистриран за вршење на дејноста, со што би се овозможило порационално користење на буџетските средства “, велат од ДЗР. Со извршениот увид во програмите ревизорите утврдиле дека за реализација на активноста за одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација за 2023 и 2024 година биле планирани финансиски средства, но во програмите никаде не пишува кои улици ќе бидат бележани со соодветната сигнализација. СТАНБЕНА ЗГРАДА НАМЕСТО ХОТЕЛ Градоначалникот Колев ги вознемири екологистите и граѓаните што уживаат во природата на велешкото езеро Младост откако неговата општина издаде одобрение за апартмани за продажба наместо за хотелски комплекс и ги излажа граѓаните дека нема да дозволи понатамошна урбанизација на крајбрежјето. Согласно одобрението за градба издадено од Општина Велес на 29.5.2023 година, потпишано од градоначалникот, на инвеститорот му е издадено одобрение за градење на хотелски комплекс – апартмани. Општината, со кршење на членот 68 од Законот за градежно земјиште, ја отуѓила парцелата со непосредна спогодба за оформување градежна парцела. Лицето поседувало само 306 квадратни метри од парцелата 1.3. на Езеро Младост што е помалку од 5 отсто од вкупната површина на градежната парцела. Според одредбите од член 68 од Законот за градежно земјиште, сопственикот мора да поседува најмалку 30 отсто од површината на парцелата. Со важечкиот ДУП за Езеро Младост, зоната за викендување и живеење е лоцирана во таканаречената Сателитска населба. Со истиот план, зоната за развој на езерски, транзитен, риболовен и ловен туризам е утврдена од левата страна на езерото кога се оди од Велес кон браната. На овој простор се предвидени локации за изградба на хотели и други туристичко-угостителски објекти, паркинзи, како и објекти за рекреација и за забава. На парцелата означена во ДУП со реден број 1.3, беше предвиден хотелски комплекс, а дадено е одобрение да се градат апартмани за продажба, што е спротивно на одредбите од ДУП-от. На истата парцела, според ДУП-от, требаше да има хотел со приземје и три ката, како и површина со 32 паркинг-места. Но, во моментов се изградени приземје и шест ката со намена на апартмани во објект од затворен тип, кои веќе се пуштени на продажба. Наместо еден приклучок за напојување со електрична енергија и еден приклучок за снабдување со вода за пиење, на барање на инвеститорот одобрени се околу 60 приклучоци за струја во зграда, која се наоѓа во зона што не е предвидена, ниту за индивидуално, ниту за колективно домување. ОПШТИНСКИ ПАРИ ЗА РОДНИНИ И ЗА ПРИЈАТЕЛИ По повод 9 ноември, Денот на ослободувањето на Град Велес, општината одржа свечена академија во Велешкиот театар. Во чест на наградените, беше изведен концерт „Кондензиран воздив по тебе“, чиј автор е продуцентот Темелко Андреевски.
Според информациите на „Фокус“, Андреевски е поранешен сопруг на Александра Иванова, раководителка на одделението за поддршка на градоначалникот Марко Колев. „Општина Велес Ви го доставува овој налог за работа со цел да изготвите авторски договор за исплата на надоместок за ангажирани лица за потребите на Општина Велес согласно Договорот за јавна набавка на услуги по оглас бр.22361/2023 „Набавка на услуги од авторска агенција“ со наш арх. бр.05-500/1 од 11.12.2023 година за реализација на музичкиот проект: „Кондензиран воздив по тебе“, во рамки на одбележување на 9 Ноември, Ден на ослободувањето на Велес. Надоместокот во нето-износ да се исплати на: Темелко Андреев – продуцент во нето-износ 353.500,00 денари за Ангажман Реализација на музички проект: „Кондензиран воздив по тебе“ во рамки на чествувањето на 9 Ноември, Денот на Општина Велес. Ангажманот опфаќа аранжман со модерен призвук, студиска подготовка и продукција на 9 традиционални велешки песни што ќе бидат изведени во живо од музички уметници (ангажирани во проектот) на свечената академија, а потоа поставени на онлајн-платформа како траен белег во новата историја на Општина Велес“, стои во Налогот на Општина Велес со кој бара од Агенција за интелектуална сопственост Артпицк ДООЕЛ да достави фактура за исплата на средствата. „Фокус“ праша на кој начин и преку која постапка е избрано лицето Темелко Андреев – продуцент за реализација на музички проект по повод 9 ноември, но одговор не доби до затворањето на неделникот. Ден потоа, Кабинетот на Колев информираше поради отсуство прашањата ќе бидат одговорени во најкратко време, но не добивме одговор ниту после еден месец. „Фокус“ дознава дека и здружението на граѓани во кое нема ниту еден вработен, „Поетско студио Премиера Велес“ добива средства од општината поради наводните блиски релации на Иванова и Колев со одговорната во студиото, Анита Станинова Мирчева, која е наставничка по македонски јазик и поранешна директорка на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ како кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Поетското студио „Премиера“ е основано во јануари 2022 година, еден месец откако градоначалникот Колев ја презеде функцијата по локалните избори во 2021 година. На платформата „Отворени финансии“ стои дека досега за пет проекти од општината добило 276.000 денари. Според програмата за култура на Општина Велес за 2025 година, поетското студио „Премиера“ ќе ги организира Детските Рацинови средби за сума од 150.000 денари. Општината оваа година сама ќе ги организира Рациновите средби откако Здружението на граѓани „Плус публика“ од Велес се повлече од организацијата. Ова здружение доби делегирани надлежности од Општина Велес во 2022 година за да организира Рацинови средби и притоа за периодот од 2022 до 2024 година доби 4,5 милиони денари средства од Општина Велес. „По добивањето на функцијата в.д. директор на Велешкиот театар и блискоста во термините на организацијата на Театарскиот фестивал 5ре и Рациновите средби, одлучивме дека е најдобро да се повлечеме од организацијата на Рациновите средби“, кажа Жарко Спасовски, директорот на Велешки театар кој заедно со Ненад Витанов е член на здружението „Публика плус“. По реакцијата на дел од членовите на Советот, градоначалникот Колев рече дека Рациновите средби в година сами ќе ги организираат Општина Велес и Градската библиотека „Гоце Делчев“. Причина за тоа е што рокот за распишување на конкурс за делегирана надлежност е премногу краток, за да може и да се конкурира во Министерството за култура за средства за манифестација. „Фокус“, исто така, праша и колку средства издвои Велес за адвокатски услуги во 2024 година, колку средства издвои за културни и забавни манифестации во 2023 и 2024 година и зошто општината се уште нема локален инспектор за животна средина, но одговор од Кабинетот на Колев не стигна. СМИЛЕВ: КОЛЕВ СТАВИ ФИНАЛЕН ПОТПИС ЗА АПАРТМАНИТЕ НА ЕЗЕРОТО Советникот на Левица, Игор Смилев, кој еден од најактивните во Советот на Општина Велес, а дебатите на Марко Колев со него се многу популарни на Јутјуб, вели дека за 3,5 години владеење, овој кадар на ВМРО-ДПМНЕ ќе стане препознатлив како градоначалник со најголем број одземени ингеренции во едно основно и едно средно училиште од страна на МОН. „Стана препознатлив што во негово време во едно основно училиште во исто време имаше двајца директори – еден од СДС и еден од ДПМНЕ. Стана бренд по иновативните прекршувања на законот за основно образование – кога свесно толерираше поминат мандат на в.д. директор на основно училиште. Стана и планетарно препознатлив по тоа што во период од три години од неговиот мандат концесионерот на Градски базен не платил ниту една кирија на Општина и си тераше две години бизнис на вересија. Велес го претвори во зона на самракот во буквална смисла на зборот. Три години Велес беше окован во апсолутен мрак, па велешани едвај чекавме да дојде Нова година за да и се израдуваме на светлината“, вели Смилев. За тракторчето за бележење на улици кое чинеше 44.000 евра, Смилев вели дека доволно е да се погледне колку нерегуларности утврдија ревизорите во извештајот. „Ревизијата утврди дека на тендерот се јавила само една фирма, а други понудувачи немало. Тракторчето е купено без никаква анализа од Колев, партизански и на ѓутуре. Да биде иронијата поголема, Општина Велес му го даде тракторчето на трајно користење на ЈКП Дервен без да си ги регулираат со било каков договор меѓусебно односите! На крајот Државниот ревизор ставил црно знаменце на извештајот – во превод се воздржал од давање јавно мислење. Ако ревизорот се воздржал, јас нема да се воздржам да кажам дека како жител на Велес сето ова ми предизвика сериозна душевна болка!“ , потенцира Смилев. Советникот на Левица истакна дека Колев ќе остане запаметен како градоначалник во чиј мандат му се урна Работничкиот универзитет, му умре вештачкото езеро Младост и во чиј мандат ѓубрарината поскапе за 100 отсто. – Градоначалникот, кој стави финален потпис на парцелите на езеро Младост на кои никнаа луксузни апартмани , а во времето на ставањето на потпис беше издадено Дозвола за градба без изготвен Елаборат за заштита на животната средина. Според информација од јавен карактер добиена од Општина Велес ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБА е потпишано во јуни 2023 од градоначалникот Марко Колев без изготвен ЕЛАБОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА кој инаку законски мора да биде составен дел од Основниот проект, и без ЕЛАБОРАТ НЕ СМЕЕ да се издаде било какво Одобрение за градба. На овој начин жестоко и од позиција на моќ се прекршени член 47, став 4 од Законот за градење и направена е класична злоупотреба на службената должност. Постојат сериозни индиции дека во овие луксузни апартмани свое место нашле и високи политички и партиски функционери на СДСМ И ДПМНЕ, коментира Смилев. Според него, капитални инвестиции во Велес се само реконструкцијата и асфалтирањето на улици, купување на цвеќиња за кои секоја година се трошат половина од парите предвидени за програмата за животна средина. – Тенденциозно, свесно и намерно не се распишува Јавен оглас за вработување на локален еколошки инспектор, оти тоа значи дека самиот градоначалник ќе треба да ги казнува фирмите загадувачи кои патем најголем дел од нив се финансиери на ДПМНЕ И СДСМ, додава Смилев. ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО БЕЗБЕДНО САМО ЗА КОЛЕВ Неколку месеци половина од езерото Младост беше покриено со непозната мрсна и пенлива материја која буквално го умртви симболот на Велес, но градот врз основа на анализи од приватни лаборатории и од Центарот за јавно здравје во Велес тврдеше дека водата може да се користи за капење и дека нема да влијае врз здравјето на граѓаните. Ова падна во вода по вонредната контрола што ја направија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид на барање на ЈПВ „Лисиче“ од Велес. „Водата во акумулацијата Младост крај Велес е ризична по здравјето на пливачите и по опстанокот на живиот свет, има лош квалитет и параметри кои се над дозволената граница“, вели заклучокот на извештајот, кој го порача Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес, кое стопанисува со водата на езерото и врши редовни испитувања на нејзиниот квалитет. Овој извештај е во целосна спротивност со резултатите од испитувањата што ги вршеше приватната лабораторија „Фуд Лаб ДОО“ за потребите на Општина Велес и која утврди дека водата во езерото има добар квалитет, како и со лабораториските испитувања за здравствена безбедност на водата во езерото, кои редовно ги врши Центарот за јавно здравје во Велес. По последниот извештај за квалитетот на водата за кој пишуваше и „Фокус “, а кој го изготви Хидробиолошки завод Охрид според кој водата во акумулацијата Младост крај Велес е ризична по здравјето на пливачите и по опстанокот на живиот свет, има лош квалитет и параметри кои се над дозволената граница, општината се обрати со писмо до Владата за кое не сакаше воопшто да ја извести јавноста. Во него Колев бараше финансиска помош за справување со еколошката катастрофа за која најголема вина има кај општината затоа што повеќе од три години не вработува локален инспектор за животна средина што е законска обврска за градот. – Градоначалникот под притисок формираше комисија за спас на езерото Младост која до денес (4-ти март 2025 ) без никаков притисок се уште нема одржано средба. Градоначалникот замижа и пред лажните податоци кои приватна лабораторија ги објави за квалитетот на водата на езерото Младост која во една реченица ја опиша како одлична. Неколку недели подоцна , од страна на Хидробиолошкиот институт од Охрид , истото тоа езеро институтот го нарече мртво, потенцира советникот Смилев. НАМЕСТО ЗА ДОНАЦИЈА, 6.500 ЕВРА ПОТРОШЕНИ ЗА КОНЦЕРТ Градоначалникот Колев ја врачи донацијата за детското одделение од Општа болница Велес, која беше обезбедена со средства од Божикниот концерт на Сара Мејс и девојките, во придружба на Камерниот оркестар од Битола кој се одржа на 10 јануари годинава, на сцената на велешки театар. Во обезбедувањето на средства учествуваа Општина Велес, кој го плати концертот, театарот кој бесплатно ја обезбеди салата и Општинската организација на Црвен крст, која беше вклучена во собирање на средствата. „На оваа донација работевме неколку институции од Велес и денес ги врачуваме купените апарати и средства. Тоа што го побараа, тоа го обезбедивме. Идејата е благородна и очекувам дека ќе продолжи и наредните години, овој хуманитарен концерт, да помагаме на институции на кои им е потребна помош “, истакна градоначалникот Колев. Од билети од концертот беа собрани 125.600 денари со кои средства била купена донацијата, но за да се стигне до оваа сума, Општина Велес издвои 400.000 денари за организирање на Божиќниот концерт. Иако е дел од годишната програма за култура и законски се е чисто, сепак се постави прашањето зошто Општина Велес испланира 400.000 денари за концерт за да собере 120.000 денари за детско одделение во велешката болница, наместо да ги пренамени истите средства со што болницата ги добила повеќе средства. Од Кабинетот не стигна одговор ниту на ова прашање. Текстот е објавен на 6 март 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.535.