Скопското Дебар Маало, кое веќе со децении е синоним за градежното силување и сообраќајниот хаос во главниот град, наскоро би можело да стане тест-зона за нов сообраќаен режим кој треба да донесе повеќе ред, тишина и безбедност за жителите. Општина Центар подготвила пилот-проект за ограничување на движењето на возилата во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите, како одговор на долгогодишните реакции од граѓаните кои живеат во овој дел на градот, пишува „Плусинфо“.
Планот предвидува од петок во 18 часот до понеделник во 6 часот наутро, сообраќајот да биде строго контролиран, а влезот во зоната да биде дозволен само за жителите кои ќе имаат посебна дозвола. Сите останати возила ќе имаат право да влезат, но само доколку излезат од зоната во рок од 15 минути. Во спротивно, ќе следуваат казни. Се предвидува слободен транзитен сообраќај, но не и долготрајно паркирање или престој.
Општината ќе го достави проектот до Град Скопје, а потоа ќе биде проследен до СВР Скопје за конечна согласност. Доколку биде одобрен, пилот-проектот ќе стартува и ќе трае шест месеци. Во зависност од реакциите на граѓаните и ефектите од неговото спроведување, можно е тој да се продолжи на уште една година и да премине во трајно решение, кое ќе значи и постојано ограничување на сообраќајот во Дебар Маало.
– Со забрана за движење на возила ќе се зголеми пешачката безбедност, а луѓето ќе бидат охрабрени да се движат пеш или со алтернативни превозни средства, кои не прават бучава. Дебар Маало ќе стане една голема пешачка зона во која сите ќе можат да уживаат – без разлика дали одат на кафе, во ресторан или само на прошетка. Проектот го почнуваме поради постојаните барања на жителите на Дебар Маало. Наша цел е да овозможиме мирна и безбедна средина за живеење, без бучава, загадување и хаос од сообраќајот кој кулминира за време на викендите – велат од Општина Центар за „Плусинфо“.
Планирано е проектот да се спроведе во три фази. Во првата фаза ќе се воспостави затворен круг помеѓу улиците Орце Николов, Климент Охридски, Партизански одреди и 29 Ноември (кај Градежен факултет). Во овој дел ќе бидат поставени електронски контроли со рампи и безжичен систем на надзор, кој ќе го регулира влезот и излезот на возилата. Секое возило ќе има дозвола да влезе само еднаш, а пред повторен влез ќе мора претходно да ја напушти контролирана зона.
За улиците кои се слепи и не овозможуваат поставување рампи, ќе се воведе безжична контрола со мобилна апликација. Жителите ќе можат бесплатно да ја отворат рампата со повик до одреден телефонски број кој нема да им се наплатува, а кој ќе биде поврзан со регистарскиот број на нивното возило. Во истата фаза ќе биде дозволен пристап до паркинзите кај улиците Орце Николов, Аминта III, Ленинова и 29 Ноември, за да се овозможи нормално користење на јавниот паркинг за посетителите кои ќе имаат потреба да го паркираат своето возило во близина, пишува „Плусинфо“.