Поради против законското работење на Стоматолошка комора на Македонија , доведена е во прашање важноста на лиценците за работа на сите стоматолози во нашата држава кои релиценцирале со сертификати издадени од фиктивни здруженија кои не биле регистрирани во централниот регистар на Р.С. Македонија. Овие здруженија прибирале и инкасирале значителна сума на средства од котизација и по други основи при организирање на настаните, кои противзаконски ги акредитирала Стоматолошка комора на Македонија. Како еден од основачите на некои од овие здруженија се јавува токму претседателот на Стоматолошка комора на Македонија, Маријан Дековски кој во исто време бил потписник на договорите со овие здруженија и бил во позиција на директен судир на интереси .
Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина ЗПЗСУ-ПДДМ како иницијатор на надзорот над законитоста на работењето на Стоматолошка комора на Македонија при вршење на јавните овластувања, преку Влада на Р. С Македонија до Министерството за здравство, ја информира јавноста дека, повеќе годишното алармирање на нашето здружение за огромниот број неправилности на Стоматолошка комора на Македонија конечно се потврди преку обемниот извештај 17-2579/1 од 25.02.2025 на министерството за здравство со кој се констатирани огромен број на неправилности и противзаконско работење на Стоматолошка комора на Македонија меѓу кои:
1.Стоматолошка комора на Македонија т.е Претседателот на комората во периодот од 2018 до 2025 спротивно на член 23, член 24 и член 25 од Правилник за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на
спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо
образование од областа на стоматологијата („Службен весник на РСМ“ бр.217/20), склучил 26 договори, 4 се со Универзитети, а останатите 19 договори се со здруженија кои не се регистрирани во Централниот регистар на РСМ, кои немаат сопствена активна жиро сметка и не ги исполнуваат критериумите од погоре спомнатите членови од Правилникот.
2. Сертификатот кој го издаваат спроведувачите на облиците на КСУ е исправа со која се докажува бројот на бодовите стекнати со конкретниот облик на КСУ и има вредност во правните односи, со тоа што служи како доказ за обновување на Лиценцата за работа на докторите на стоматологија. Овие сертификати се издадени од спроведувачи на континуирана едукација кои не се регистрирани во Централен регистар на РСМ. 3. Стоматолошката комора на Македонија не ја испочитувала и не ја спровела Времената мерка на Уставниот суд на РСМ по Решение на Уставниот суд У.бр.147/2021 од 21.02.2024 година со кое се поведува постапка за оценка на законитоста на Одлуката за критериуми при избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување бр.17-234/3 од 19.02.2021 година и Јавниот повик за избор на спроведувачи континуирано стручно усовршување за период од 2021-2025 година бр.17-271/1 од 19.02.2021 година, донесени од Комисијата за стручни стоматолошки прашања на СКМ и се запираат сите дејства кои произлегуваат од оспорените прописи. И покрај ова, Комисијата за стручни стоматолошки прашања продолжила да ги акредитира настаните на избраните спроведувачи во периодот од објавување на Одлуката за времената мерка во „Службен весник на РСМ“, која била објавена на 29.03.2024.
4. Спротивно на член 255 став 4, член 123, член 262 и член 132 став 2 алинеја 8 од Законот за здравствена заштита, спротивно на член 3 од Законот за Прекршоци, спротивно на член 8, член 9, член 13, член 14 и член 15 од Уставот и член 3, 6, 7, 10, 13, 14 и 17 од Европската конвенција за човекови права преку Судот на Честа при Стоматолошка комора на Македонија се суделе и осудувале стоматолози, делегати и членови на регионални одбори и финансиски биле оштетени преку противзаконска наплата на средствата за спроведување на постапката.
Најголемиот скандал е што сите овие погоре спомнати неправилности но и многу други, Стоматолошка комора на Македонија ги превела противзаконски и без притоа воопшто да поседува решение за јавно овластување издадено од министерството за здравство согласно член 262 став 2 и став 3 од законот за здравствена заштита. Поради сето горе наведено бараме Министерот за здравство во најкраток можен рок, а согласно законот за здравствена заштита по службена должност да издаде решение за прекин на извршувањето на јавните овластувања на Стоматолошка комора на Македонија и да ги преземе во своја надлежност , а за сите констатирани неправилности да се известат надлежните органи како јавното обвинителство, државниот ревизор, финансовата полиција со цел да се расчистат основаните сомненија за кривични дела кои произлегуваат од констатираните факти и докази при направениот надзор .
Стоматолошката комора на Македонија, во интерес на своите членови стоматолози, нивната континуирана едукација, процесот на релиценцирање на истите и нормалното функционирање на целиот процес, по повод Извештајот на Комисијата за вршење надзор над законитоста на работата во вршењето на јавното овластување, како и известувањето од министерот за здравство, побара од министерот да се произнесе по повод ПРИГОВОРОТ врз извештајот на комисијата како и УРГЕНЦИЈА за произнесување за ДОСТАВЕНО ПОСТАПУВАЊЕ врз основ на известувањето.
Во прилог документот…..

