Кога Претседателот соопшти дека донел одлука Алијанса на Албанците да се повлече од владината коалиција, јас тоа нема да го прифатам. Уште повеќе, заедно со многумина мои сопартијци-истомисленици, нема да дозволам повторно делење на партијата. Ние кои целосно се вложивме во овој наш политички субјект, искрено и без калкулации, со визија за поинакви политики, нема да ја оставиме партијата на тацна за некој да си прави политички и лични маневри, вели за „Фокус“ Сабри Азири, близок соработник на Арбен Таравари во АА и во Министерството за здравство. На иста линија пораки упатија и други партиски членови и функционери. Откако кристално јасно стана дека Арбен Таравари, министер за здравство и еден од лидерите на поделената Алијанса за Албанците по неговиот предизборен конфликт со Зијадин Села, ќе ја напушти Владата откако излезе од владејачката коалиција ВЛЕН, се отвори прашањето колку функционери на АА ќе ја следат одлуката на партискиот лидер да се преселат во опозиција во пресрет на есенските локални избори.
Иако Таравари тврди дека сопартијците ќе го следат неговиот чекор, од власта постојано посочуваат дека играта за пребројување на политичката сцена допрва почнува и сега таа ќе се префрли во дворот на опозицијата, што алудира дека дел од кадрите на Алијанса ќе останат дел од извршната власт, а дел од нивните пратеници ќе останат дел од парламентарното мнозинство. Додека неофицијалните информации од Илинденска говорат дека власта „работи“ со министри, директори, но и пратеници од таборот на Таравари, како и со пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ, иако за тоа се уште нема официјална потврда, во јавноста веќе почнаа отворено да настапуваат функционери на АА кои изразуваат незадоволство од одлуката да се напушти коалицијата ВЛЕН и да се замине во опозиција.мЕден од нив е Сабри Азири, член на Алијанса на Албанците, кој воедно важи за еден од најблиските соработници на Таравари и во партиските органи, но и во Министерството за здравство. По одлуката АА да настапи со посебни советнички листи на локалните избори, поради што партијата ги наруши позициите во ВЛЕН и односите во рамки на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Азири на Фејсбук напиша:
„Алијанса за Албанците е над сѐ! Карактеристиките кои нас нѐ опишуваат се: градење на функционална држава, борба против криминалот и посветеност кон реформската агенда. Ова е адресата каде што ќе се обрати секој граѓанин кој тежнее за европската перспектива на оваа мала и напатена држава. Наша должност е нашите граѓани и нашите гласачи да не ги оставиме на милост и немилост, да ги предадеме во други раце. Народот и гласачите ни го дадоа гласот за да ги претставиме во најдобро светло. Не за да ги изневериме! На последниот партиски состанок, пред највисоките партиски органи, јавно кажав: Кој мисли да дојде со мене за заедно да продолжиме да ја водиме Алијансата за Албанците во правец за кој мандат ни дадоа гласачите-повелете да одиме напред! Кој има поинаква замисла-нека си продолжи по друг пат! Јас и таквите како мене нема да дозволиме уште еднаш да се делиме ниту да ја предадеме Алијансата за Албанците во туѓи прегратки“.
Го прашавме Азири како поточно може да се интерпретира неговиот статус, односно како ја оценува одлуката Алијанса да излезе од ВЛЕН и од Владата и да настапи посебно на локалните избори? Притоа, тој ни изјави дека одлуката на претседателот на партијата Таравари да замине од Владата е одлука преку која тој лично, а и многумина негови сопартијци, не можат да поминат, пред се заради принципиелни причини. „Знам дека принципиелноста не е врвна доблест во политиката, меѓутоа тука станува збор за одговорноста на партијата и, ете, мојата лична одговорност кон оние што ни го дале мандатот, оние граѓани кои што гласале за промени на последните парламентарни избори, за да не биде „како до сега“, туку за корените промени во државата! Затоа што утре треба да им се погледне во очи на тие граѓани. Мене не ме интересираат дневно-политичките пазарења, лукративните мотиви, нечии лични интереси и зошто некој го направил тоа што го направил. Јас зборувам за принципите врз кои ја добивме довербата од граѓаните во духот на коалицијата ВРЕДИ, за ентузијазмот кој го вложивме да бидеме поинакви, да ги артикулираме барањата и потребите на граѓаните, да ги решаваме и да градиме поинакво општество, а против децениската монополизација врз интересите на Албанците на една политичка врхушка.
Граѓаните токму за тоа ни го дадоа мандатот, а не после неполна година да се вратиме во нечии туѓи прегратки! Ова што го направи Таравари мене ми личи на „Стокхолмски синдром“. Затоа, како што реков јасно и гласно и на последната средба на највисоките партиски органи, кога Претседателот соопшти дека донел одлука Алијансата на Албанците да се повлече од владината коалиција, јас тоа нема да го прифатам! Уште повеќе, заедно со многумина мои сопартијци-истомисленици, нема да дозволам повторно делење на партијата. Ние кои целосно се вложивме во овој наш политички субјект, искрено и без калкулации, со визија за поинакви политики, нема да ја оставиме партијата на тацна за некој да си прави политички и лични маневри, затоа што АА не е ничија персонална сопственост. Таа е на граѓаните, на активистите, на членовите, на гласачите… Таа е идеја и визија за подобро општество за сите. Затоа уште еднаш велам, кој сака да си замине од Алијансата за Албанците-среќен му пат. Но, без Алијансата в џеб. Тоа може да го направи лично. А, секој кој размислува како мене, го повикувам да ја продолжиме мисијата на Алијансата за Албанците и на ВЛЕН за градење на функционална држава, борба против криминалот и корупцијата, посветеност кон реформската агенда и европските перспективи на нашата земја – вели Азири во изјава за „Фокус“.
Покрај него, деновиве незадоволство од однесувањето на Таравари изразија и двајца поранешни пратеници, кои го поддржаа кога одлучи да предизвика раскол во Алијанса со одлуката пред последните двојни избори да и се придружи на тогашната албанска опозиција на чело со Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши. Меѓу нив е поранешниот пратеник на ДПА, Беким Фазлиу, кој, исто така, на Фејсбук, напиша:
„Во ред, оди со Али (Ахмети)! Но, како ќе се справите со чесните активисти? Со оние што веруваа во тебе со сето свое срце? Многу од нив денес се невработени, бидејќи двајцата следбеници на Арбен Џафери пред вас ги предадоа, станувајќи алатки на Муса (Џафери) и Талат Џафери. Тие многу страдаа, но не се откажаа. Тие се надеваа и веруваа дека си различен, затоа што ти вети дека ќе бидеш таков. Да, и Вреди треба да се критикува, дури и некои од функционерите треба да бидат гаѓани со јајца. Некои дури треба да се плукнат. Но, никако, нагласувам, никако и под никакви околности не треба да го вратиме ДУИ, не ова ДУИ со истите стари и уморни лица што им нанесоа само штета на Албанците. Тоа е како да те покани на вечера твојот џелат и да седиш на масата со надеж дека овој пат нема да те повреди! Само будала паѓа во истата дупка двапати, а ние паѓаме 20 години по ред“, напиша Фазлиу. На иста линија, реагираше и Сурија Рушити, кој беше пратеник од редовите на Алијанса за Албанците кога партијата за првпат влезе во Парламентот. Тој важеше за близок до првиот партиски лидер Села, меѓутоа по внатрепартиската поделба тој го поддржа Таравари. По најновите случувања, пак, Рушити порача: „Целиот овој ненадеен потег на Алијанса за Албанците се продава како мистерија што ќе донесе големо добро, додека најголемото „добро“ што може да се случи е да се врати Ахмети на Бел коњ“.
Во меѓувреме, Таравари веќе ја поднесе оставката од позицијата министер за здравство до премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека функцијата ја извршувал со „максимална посветеност, транспарентност и чувство за должност кон граѓаните и државата“, при што остави простор за повторна соработка во иднина. Претходно, тој изјави дека очекува останатите јавни функционери од редовите на Алијанса да бидат разрешени. Инаку, министерот за труд и социјала од редовите на БЕСА, Фатмир Лимани, денеска изјави дека дел од петмината пратеници од Алијанса на Таравари ќе останат дел од ВЛЕН и мнозинството, а воедно посочи дека во власта ќе преминат и плус четворица пратеници од Европскиот фронт на ДУИ. Како што е познато, таму е и Алијанса на Села, ДПА на Мендух Тачи, Попули на Скендер Реџепи, турската партија на Бејџан Илјаз итн. –Ако тие мислат дека се комотни на тоа дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците поминале кон Фронтот, се погрешни, бидејќи дел од нив ќе останат со Владата, но да се сигурни дека најмалку 4 пратеници кои што се денес кај нивните редови ќе поминат во владината коалиција – изјави Лимани, додавајќи дека Владата треба да има 4 години за да работи на ветувањата.
Во текот на вчерашниот ден, еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, порача дека сега играта со преселба на пратеници на релација власт-опозиција ќе се игра во теренот на Европскиот фронт. Денес, пак, Меџити порача дека во партијата на Таравари има несогласување за неговата одлука за напуштање на Владата. Прашан дали очекува вицепремиерот Арбен Фетаи да остане во Владата, изјави дека не сака да зборува за конкретни имиња. –Не сме дошле до конкретните имиња, но тоа што е важно е дека сите ресори што ги имаше Алијанса за Албанците остануваат во рамките на ВРЕДИ. Тоа што самиот најавува оставка, но не и за другите функционери, тоа покажува и докажува дека има донесено одлука која што не кореспондира со членството и структурите на партијата. Има видливи поделби и тие веќе ги гледаме секојдневно – изјави тој. Неговиот соработник Биљал Касами, пак, деновиве изјави дека кога некој излегува од власта, мислејќи на Таравари, тогаш отвора простор некој друг да влезе. Кога ќе се отвори вратата, ако некој излезе, можноста за повеќемина да влезат е голема и затоа можам да гарантирам дека оваа влада ќе ја зголеми поддршката во парламентот, порача Касами и патем додаде: „Јас ценам дека Алијанса за Албанците ќе си остане и во ВЛЕН и во Владата. Со колку пратеници, ќе се знае во текот на неделата…“. Она што е интересно, кога говореше за пополнување на испразнетото министерско место на Таравари и можни рокади на ресори, Касами ја спомена и Алијанса на Села: „Ако имаме некаква комбинација, дали со пратеници од сегашната Алијанса за Албанците или, пак, со Алијанса на Зијадин Села, или некои други комбинации, тој што ќе биде лидер на таа група или барањата кои ќе ги има таа група или политичка структура, ќе треба да разговараме за позиции“.