Сопругата на помошник директорот на Оддел за криминалистичка полиција Илија Чалшев Менис, Катерина Караколева Менис е именувана за државен правобранител во државното правобранителство за подрачјето на Скопје. Владата за оваа функција објавила оглас за оваа функција на 17 април и Караколева Менис била избрана по претходно прибавено мислење од државниот правобранител на државата. Чалшев Менис беше именуван за помошник директор на Одделот во август минатата година од страна на тогашниот министер во техничката влада, а сега актуелен министер за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
„Слободен печат“ испрати прашања до владата дали именувањето на Караколева е непотизам, но оттаму тврдат дека постапката била целосно транспарентна и дека не постоело судир на интереси, но не го споменуваат непотизмот.
– Изборот е направен согласно јавен оглас при што кандидатот ги исполнуваше сите предвидени условите во огласот и важечката законска регулатива. Оттука Ви укажуваме дека постапката е реализирана според законски процедури и нема ништо спротивно на законските. Врз основа на тој оглас, при претходно спроведената постапка е донесена одлука за именување од страна на Владата. Важно е да се знае дека целиот процес е јавен и транспарентен. Дополнително не станува збор за две лица именувани од страна на Владата за да постои судир на интереси – велат од Владата за „Слободен печат“.