Сите полициски агенции во Босна и Херцеговина добија информации за налогот за апсење издаден по тројцата функционери на босанските Срби и се обврзани да ги приведат, но тоа не го спречи претседателот на Парламентот на Република Српска, Ненад Стевандиќ, да ја премине границата. Судот на БиХ, на барање на Обвинителството на БиХ, им одреди притвор на Стевандиќ, како и на претседателот и премиерот на Република Српска, Милорад Додик и Радован Вишковиќ, откако тие одбија да одговорат на распитот како дел од истрагата во која се осомничени за кривично дело за уставниот поредок.

Принтскрин Јутјуб
За сите тројца е распишана централна потерница која важи за територијата на БиХ, а сите полициски агенции во земјата се обврзани да ги уапсат и да ги предадат на Судот на БиХ доколку ги најдат. „Од вчера сите полициски органи ја имаат оваа потерница и се должни да постапат по неа“, потврди во средата директорот на Полициската управа на Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина, Вахидин Муњиќ. Тој објасни дека Министерството за внатрешни работи на Федерацијата е подготвено да ги уапси Додик, Стевандиќ и Вишковиќ доколку се појават на територијата на тој субјект, но нагласи дека нивното приведување е пред се задача на полициските органи на државно ниво, бидејќи налогот за апсење е издаден од државниот суд. Во интервју за телевизијата N1, Муњиќ објасни дека ова првенствено се однесува на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) и на Граничната полиција на БиХ. Ова особено се однесува на Стевандиќ, кој во саботата отпатува за Белград за да го поддржи Александар Вучиќ, во екот на студентските антивладини протести.

EPA-EFE/
Стевандиќ од Белград изјави дека не се плаши од апсење и дека в петок ќе се врати во БиХ, каде ќе одржи прес-конференција во Бања Лука. „Сигурен сум дека граничната полиција ќе постапи професионално, мора да го лиши од слобода“, изјави Муњиќ, но набрзо стигна веста дека Стевандиќ веќе е во Бања Лука и дека неговата средба со Додик е планирана за тој ден. Како, кога и каде Стевандиќ и покрај налогот за апсење успеал да ја помине границата не е разјаснето. СИПА моментално е во еден вид блокада, бидејќи нејзиниот сегашен директор Дарко Ќулум поднесе оставка и одлучи да се пресели на работа во Министерството за внатрешни работи на РС, одговарајќи на барањата испратени до вработените во државните полициски агенции од страна на ентитетските власти, давајќи им рок до среда. Советот на министри на БиХ сè уште не назначил вршител на должноста директор на СИПА, додека владата на РС во средата потврди дека подготвила свој нацрт-закон според кој полицијата на ентитетот ќе преземе надзор над дел од границата на БиХ со Хрватска, Србија и Црна Гора, со цел да ги укине овластувањата што моментно ги има Граничната полиција на БиХ.

Сето ова дополнително ги зголемува тензиите во земјата и ја влошува политичката криза предизвикана од обидите на властите на РС де факто да го одвојат тој ентитет од БиХ со усвојување неуставни закони. „Не можеме да кажеме дека ситуацијата е нормална. Народот е вознемирен“, рече Муњиќ во средата, иако тој тврди дека полицијата на терен моментално нема информации што укажуваат на директни безбедносни закани.