Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8, најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, пренесува БТА. Караџов нагласи дека тунелот меѓу Ѓуешево и границата со Северна Македонија не е само инфраструктурен објект, туку стратешка врска што ќе овозможи слободно движење меѓу Црното и Јадранското Море. Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на самиот објект на тунелот.
– Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор. Доколку нема забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа, рече Караџов. Министерот за регионален развој Иван Иванов изјави дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8. Тој ја истакна потребата од забрзување на реализацијата, бидејќи проектот е од исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.