Лидерот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче, изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, повикувајќи на обединување во тагата и на солидарност за поддршка на настраданите. „Со голема болка во срцето ја примив веста за ужасната трагедија во Кочани. Ова е црн ден за Македонија. Губитокот на толку многу млади животи е болка што не може да се надомести за семејствата, пријателите и за сите нас“, вели Филипче. Тој упати сочувство до семејствата и посака брзо закрепнување на повредените.
„Во овој момент на огромна тага, сакам да изразам најискрено сочувство до семејствата што ги изгубија своите најблиски и да посакам брзо закрепнување на сите повредени. Во вакви моменти, единствено што е важно е солидарноста и поддршката. Ги повикувам сите институции, здравствените работници и целото општество да се обединиме во напорите да им помогнеме на настраданите и на нивните семејства“, рече тој.
„Како лекар, јас сум на располагање за секаков вид помош што можам да ја пружам во оваа тешка ситуација. Сега не е време за поделби, туку за заедништво во тагата и во напорите да се помогне“, заклучи Филипче.