Две малолетни лица, кои биле дел од групата од четири малолетници кои минатата недела малтретирале и тешко повредиле женка – штрк во Гевгелија, во присуство на нивните родители биле повикани на разговор во просториите на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Гевгелија, за ,,Фокус” потврдија од МВР. За останатите две деца, како што појаснуваат од МВР, се чекало да се вратат од екскурзија, и со нив во присуство на родителите, ќе се разговарало во текот на оваа недела. Околу тоа какви мерки ќе бидат применети против сторителите во врска со овој случај кој ја вознемири јавноста, се уште нема детали.
-Во врска со случајот за кој прашувате, ве известуваме дека полициски службеници од СВР Струмица извршија разговор со сопственичката на штркот, која не сака да го пријави настанот, но преземени се потребните мерки и активности и пронајдени се сторителите. Се работи за четири деца на возраст од 12 години. Во присуство на родители во просториите на МЦСР Гевгелија извршен е разговор со две деца, а со останатите две ќе биде извршен разговор во текот на оваа недела, по враќање од училишна екскурзија. По комплетирање на службениот материјал, во консултација со ОЈО Гевгелија ќе биде поднесен соодветен поднесок, истакнаа од Министерството за внатрешни работи.
Случајот се најде во центарот на вниманието кога Ленче Алексовска од Гевгелија, која се грижи за штркот Мишко и женката штрк Милка, која беше повредена од страна на малолетниците, објави фотографија на која се гледа повредената и крвава птица. За ,,Фокус” Алексовска појасни дека сторителите се снимени на камера, и на снимките се гледа како дошле со велосипеди пред тротоарот на нејзината куќа, и започнале безмилосно да ја удираат Милка. Птицата заврши со скршено крило и отворена рана и примала терапија, а Алексовска ни изјави дека се надева да не и се инфицира раната, бидејќи тоа би било фатално. Исто така, таа откри дека за Милка започнала да се грижи пред 1,5 година, бидејќи и било скршено едното крило. Сега пак, и било скршено и другото крило, што за птица, како што вели Ленче, значи исто како на човек да му се ампутирани двете раце. Настанот предизвика бурни јавни реакции, а се огласија и од повеќе здруженија за заштита на животните. Здружението Анима Мунди алармира да се превземат сериозни мерки кога се во прашање случаи со малтретирање и убивање на животни во прашање, а за сторителите, освен предвидените законски казни, да се започне да се прави и психолошка проценка.