Премиерот Христијан Мицкоски најави намалување на бројот на клубови кои организираат игри на среќа со донесувањето на новиот Закон за игри на среќа, кој е во завршна фаза на владина процедура.
„По неколкумесечна работа и усогласување, законот е подготвен. Очекувам во текот на месецот да помине на владина седница, по што ќе биде доставен во Парламентот. Со усвојувањето, бројот на автомат-клубови ќе се намали на природен начин“, изјави Мицкоски денеска на настан на Машинскиот факултет во Скопје. Оваа изјава следи по вчерашната објава на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој на својот Фејсбук профил информираше дека се забрануваат 173 нови нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа.