Во Клиниката „Жан Митрев“ викендов е спасен и продолжен животот на 74-годишна жена со процедура која е ретка и сложена – имплантација на биолошка валвула на митрална позиција (валвула во валвула). Пациентката дополнително, освен проблемите со срцето, имала проблеми и со бубрезите и била на апарат за дијализа.
Процесот да се смени протеза на митрална валвула е реткост во светски рамки. Протезата на митралната валвула е поставена преку врвот на срцето во митралната позиција, без пациентката да биде класично оперирана. Разликата меѓу класична операција и оваа интервенција е што има само мало отворање на градниот кош – 5 сантиметри од левата страна, преку кое се пристапува до врвот на срцето и со помош на посебен катетер се вметнува новата во постоечката валвула, без притоа да се употреби вонтелесна циркулација.
-Денеска имаме еден посебен случај, екстремно сложен зафат на екстремно тешка пациентка. Овие навидум невозможни мисии со кои се продолжува животот на пациентите со години и декади, кај нас, во Клиника Жан Митрев стануваат возможни и се почести со што ги поместуваме границите на кардиохирургијата и во светски рамки. Тимот на Клиника „Жан Митрев“ 25 години поставува нови стандарди во целосната здравствена нега и изнаоѓање начини како да помогне на што повеќе пациенти. Со современата апаратура, со примена на напредна технологија создаваме животни можности за нашите пациенти и ја оправдуваме вистинската функцијата на медицината рече водечкиот кардиохирург на интервенцијата, доктор Жан Митрев.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски ја пофали интервенцијата.
-Ваквите кардиохируршки дострели укажуваат на големиот потенцијал на здравството во Македонија. Иновативниот начин на спроведување на зафатот, минимално инвазивен, безбеден за пациентот пред се, го олеснува опоравувањето на пациентот и заштедува болнички денови. Овој зафат е овозможен со пристапот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за пакет за највозрасни пациенти, кој вклучува и овој тип на интервенции и нивно значително зголемување за 2025 година, потоа поддршка на нови зафати, како и на комплементарноста на јавниот и приватниот сектор, рече Клековски.
Тимот кардиохирурзи и интервентни кардиолози освен од доктор Жан Митрев, е составен од доцент доктор Оливер Бушлетиќ, специјалист по интерна медицина, супспецијалист кардиолог и доктор Вилма Ампова Соколов, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по кардиологија.