Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа што владата ја запрела постапката за разрешувањето на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски не е трајно коментирајќи ги критиките на СДСМ и ДУИ за тоа како се води истрагата за трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица, а околу 200 се повредени.
-И едната и другата опозициска партија, не биле задоволни од начинот како Обвинителството ја води истрагата. Тука би констатирал – прво обвинителот е истиот кој овие две политички партии го гласаа. Утрото во Кочани пред 8 часот, во просториите на МВР во Кочани пристигна со двајцата свои соработници, Ислам Абази и Гаврил Бубевски. Јасно ви е од кај доаѓаат, од кои тефтерчиња беа избрани. Тоа што не продолживме во процесот на процесот за промена на обвинителите, не значи дека сме заборавиле од каде доаѓаат и потекнуваат. Се повлековме за да оставиме простор да се даде јасен одговор и одговорност за секој кој има и најмало учество во оваа голема трагедија. Не е ова трајно. Будно ја следиме работата. Истите овие беа миленици на СДСМ и ДУИ кои сега велат дека не се заодовлни од истрагата која ја прават. Јас би ги прашал: Дали беа задоволни од истрагата за Ласкарци, Беса Транс, трговскиот центар Соравија, Модуларната болница? Јас апсолутно не бегам од никаква Анкетна комисија, ниту пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да бега, но би сакал да ја прошириме со овие судски случаи – рече Мицкоски.
По трагедија во Кочани владата ја запре постапката за разрешување на Коцевски која беше иницирана во февруари и по трагедијата премиерот ја пофали работата на Обвинителството.