Во заедничка акција, македонската и косовската полиција заплениле стотици пакети со текстилна стока и огревно дрво кај село Танушевци. Во заедничка акција на македонската и косовската гранична полиција, на 9 април 2025 година е спречен обид за шверц на текстилна стока, обувки и огревно дрво во реонот на село Танушевци, скопско. Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата била спроведена од Регионалниот центар за гранични работи Север при Одделот за гранични работи и миграции и Граничната полиција на Косово. На косовска територија било сопрено комби „Фолксваген“ со косовски регистарски таблички, во кое биле пронајдени над 100 пакети со текстилна и друга стока. Возачот е приведен.
Во продолжение на акцијата, македонските полициски службеници извршиле контрола на напуштени објекти во близина на границата, при што околу 19 часот во село Танушевци биле откриени повеќе од 130 кутии со разновидни обувки, како и околу пет кубни метри исечено огревно дрво. За случајот е известен јавен обвинител. Запленетите обувки ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, додека огревното дрво ќе му биде предадено на Шумската полиција. Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна кривична пријава. Извор: Новинска агенција МЕТА