Невладините се растрчаа по институциите за да најдат модус да учествуваат на локалните избори откако измените на изборните правила заглавија во Собранието, бидејќи власта нема Бадентерово мнозинство. Независните се решени да одат на локални и на партиите им доставиле нова понуда за прагот на потписи, со која ако наидат на разбирање кај парламентарните партии, би предложиле нови измени на Изборниот законик. За ова веќе се сретнале со Левица и СДСМ, а очекуваат да бидат примени и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Паралелно, тие бараат од Собранието и од Државната изборна комисија (ДИК) толкување дали по укинувањето на одредбите, може да влезат во изборната трка, а на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на дел од партиите им доставиле дописи како е уредено учеството на изборите на независните во некои од европските земји.
– Бараме од институциите правно толкување во случај да не се донесат измените на Изборниот законик и да настане правната празнина. Дали може да учествуваме на изборите без да собираме потписи, зашто укинатите членови се однесуваа само на потписите? Ние стоиме секаде во законот. Повторно ќе бараме средба со ДУИ, откако првпат не ни одговорија, зашто сигурно ќе има некои преговори, откако за законот нема Бадентерово мнозинство – вели за „Слободен печат“ Татјана Чакулев, претставничка на „Независни за Карпош“.
Таа вели дека се сретнале со СДСМ и им предложиле нови одредби за потписите откако актуелните измени на Изборниот законик можно е Собранието да не ги гласа.
– Во тој случај, пратениците треба да предложат нови одредби за потписите, зашто од овој закон толку. Ако не се гласа, завршена е работата со него и ќе треба нови измени. Ако има нов предлог, бараме да одат други барања за потписи. Сето ова паралелно го тераме. Клучно е толкувањето од Собранието и од ДИК – вели Чакулев.

Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“ во ДИК ги кажала забелешките, но таму им кажале дека не смеат да заземаат став зашто ги следат законите.
– Не добивме конкретен одговор што ќе се случи и како ќе настапиме на изборите. Оставија можност дека ни излезат пресрет на однос на сите недоречености во текот на изборниот процес. Во Изборниот законик остана одредбата дека независните учествуваат на избори и во секој случај ние ќе учествуваме, но прашање е како, со колку потписи. Тоа мора да се дефинира – вели Георгиевска.