Општина Центар и ова утро одново беше преплавена во смет, затоа што, како што вели градоначалникот Горан Герасимовски, ЈП „Комунална хигиена“ повторно не си ги извршува своите обврски.
„Мора сериозно да ги преземеме ингеренциите на „Комунална хигиена“, нè затрупаа со смет. Крајно несериозно и недозволиво е јавното претопријатие да не си ги извршува своите обврски. Подготвуваме одредени законски измени што ќе ги доставиме до министерствата и ќе побараме да си ги преземеме ингеренциите и сами да го чистиме сметот. Срамота за 21 век, посочи Герасимовски прикажувајќи ја низ фотографии денешната состојба со преполните подземни контејнери и депониите.“ Според него ова што се случува со нехигиената е недозволиво, па поради тоа Општината подготвува неколку ригорозни мерки до комуналното претпријатие, па дури и кривични пријави за нивната негрижа, за необезбедување нормални услови за живот на граѓаните.
„Комуналното претпријатие има одговорност и за поставување и за собирање на сметот од контејнери, но и сметот од сите булевари и зелени површини на територијата на општината и на градот. Џабе ние имаме најголем број хигиеничари дури 110 чијашто грижа за нашите улички е на високо ниво, но нечистењето на сметот ни прави дополнителен проблем на општината, на хигиеничарите и жителите. Срамота е во 21 век да говориме за хигиена и нечистење на контејнери и ширење на зараза“, истакна Герасимовски во изјава за „Телма“.
Фото: Општина Центар