Србија и Унгарија наскоро ќе потпишат договор за склучување воено-безбедносна алијанса, објавија српските провладини медиуми.
„Како што дознаваме, Виктор Орбан и Александар Вучиќ веќе влегле во сериозно спроведување на воениот сојуз меѓу двете земји. Ова е одговорот на Србија на договорот што во Тирана го потпишаа Хрватска, Албанија и т.н. Косово, а бидејќи Хрватска и Албанија се членки на НАТО, Унгарија како членка на Алијансата може да потпише сличен договор со земја која не е во Северноатлантската алијанса, а тоа е Србија“, пишува „Курир“. Веста, за која сè уште нема официјална потврда, доаѓа откако неделава во Тирана министрите за одбрана на Албанија, Косово и Хрватска склучија трилатерална одбранбена спогодба, кој, како што наведоа, е „порака до сите кои се осмелуваат да ја загрозат безбедноста, мирот и стабилноста на Западен Балкан“. Според најавите, Бугарија е една од земјите кои би можеле да се приклучат кон алијансата во иднина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера реагираше на потпишувањето на меморандумот меѓу Албанија, Косово и Хрватска за соработка во областа на одбраната, наведувајќи дека тој претставува кршење на субрегионалниот договор од 1996 година, и додаде дека е речиси сигурен оти НАТО не бил ниту информиран за тоа. Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека разговарал со него за ова прашање. „Тоа е прекршување на таканаречениот субрегионален договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, но од реакциите од Хрватска и некои други делови од регионот видовме дека тие не се многу заинтересирани за тоа. Речиси сум убеден дека НАТО не бил ниту информиран и дека не им било ни кажано кои договори се прекршени“, рече Вучиќ.