Денеска, во рамките на официјалната посета на делегацијата од Државниот збор на Република Словенија, се одржа средба помеѓу генералните секретарки на Собранието, Марина Димовска и на Државниот збор, Уршула Зоре Тавчар. Генералната секретарка Димовска, посакувајќи ѝ топло добредојде на својата колешка, ги поздрави словенечките искуства кои во голема мера помогнале во парламентарното работење на Собранието, особено последните искуства за отворањето на Заштитената соба во Собранието, како и соработката во делот на собранискиот календар и образовните и младинските политики.
„Мојата цел како предводничка на собраниската служба, е да ја развивам мисијата и визијата за современ европски парламент, во тек со последните трендови кои се применуваат во парламентите и да дадам свој личен придонес кон примената на најдобри практики во нашите активости, а со цел градење ефикасни и транспарентни парламентарни институции”, нагласи Димовска. Генералната секретарка Зоре Тавчар, изрази особено задоволство и благодарност за реализацијата на средбата, при што го потенцираше пријателскиот и партнерскиот однос кој постои меѓу двете институции. Даде отворена поддршка за идна соработка и подготвеност за унапредување на парламентарните процеси, во области од интерес за Собранието.
На средбата, како можни области за соработка беа наведени стандардите за дигитализација на собраниските процеси, зголемување на транспарентноста и отвореноста кон јавноста, интегрирање на вештачката интелегенција во парламентарната администрација, унапредување на парламентарната дипломатија и процесот на усогласување на домашното со европското законодавство, кои се важни предуслови во процесот на пристапување кон Европската Унија. Двете соговорнички постигнаа согласност за формализирање и структурирање на долгорочна билатерална соработка преку конкретни активности, преку размена и посети на службите од двата парламента. Оваа средба е силен поттик за заеднички напредок во духот на европската поддршка и парламентарната соработка.