Генералната секретарка на Собранието, г-а Марина Димовска и заменик -генералниот секретар, г. Никола Ѓошевски, денес остварија средба со г. Павел Усватов, директор на Програмата за владеење на правото за Југоисточна Европа на Фондацијата Конрад Аденауер. На средбата присуствуваше и г. Давор Пашовски, програмски менаџер на Фондацијата. Соговорниците ги разгледаа можностите за воспоставување институционална соработка помеѓу македонското Собрание и Програмата за владеење на правото на Фондацијата Конрад Аденауер. Димовска, ги информираше претставниците на Фондацијата за досегашната соработка со германскиот Бундестаг, за одличната соработка на собраниските службеници од двата парламента преку која беа реализирани неколку значајни проекти во нашиот законодавен дом.
Соговорниците ја нагласија потребата за организирање на обуки наменети за собраниските службеници, како и стручна поддршка во неколку клучни области, меѓу кои и процесот на ЕУ интеграции, улогата на работните тела при усогласување на законодавството, како и запознавање со преговорите по кластери и процесите поврзани со европските интеграции. Исто така, беше истакната важноста за обезбедување на стручна поддршка на собраниската службата во однос на парламентарниот надзор, како и зајканување на етичките стандарди. Двете страни се согласија дека заедно може многу да се направи за зајакнувањето на капацитетите на собраниската служба преку таргетирање на приоритетите и потребите на Собранието.