Денеска (29.04.2025) заменикот министерот за внатрешни работи Астрит Исени оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Н.Е. г. Жељаско Радуков. На средбата, беа потврдени заложбите за одржување и унапредување на односите меѓу двете соседни земји, а особено беше потврдена одличната соработка меѓу Министерствата за внатрешни работи, во кои, исто така заеднички беше констатирано дека работат врвни професионалци.
Со посебен фокус се разговараше и за можностите за дополнително унапредување на веќе воспоставената плодна соработка, како од аспект на билатералните договори така и оперативната меѓусебна соработка на Министерствата за внатрешни работи на двете земји. Притоа, и заменик министерот за внатрешни работи Исени и амбасадорот Радуков изразија безрезервна отвореност за нејзино натамошно продлабочување. Воедно, на состанокот стана збор и за меѓусебната соработка во рамките на меѓународните организации и регионални иницијативи кои се од заеднички интерес и придонесуваат за одржување и зајакнување на регионалната безбедност, стабилност и просперитет.