Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонијо Милошоски и членови на ова работно тело на Собранието остварија средба со претседателката на Државниот збор на Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, на вториот ден од нејзината посета на земјава. На средбата беа разменети мислења за повеќе аспекти од соработката меѓу нашата земја и Република Словенија, со акцент на константната словенечка подддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија, како и за целоит процес на проширување на Европската Унија. Милошоски се осврна на пречките со кои се соочува нашата земја на долгиот пат кон остварување на својата стратешка цел, посочувајќи на разочараноста што ја предизвикува кај граѓаните одолговлекувањето на процесот на евроинтеграција, како фактор кој ги поттикнува и миграциите.
Соговорниците се осврнаа и на словенечкото искуство во однос на Хрватска, како пример за надминување билатерални спорови во интерес на проширувањето на ЕУ. Клакочар Зупанчич ја реафирмира силната поддршката на Словенија за интеграција на нашата земја во ЕУ, оценувајќи дека процесот на проширување мора да продолжи со што побрзо темпо за целиот регион на Западен Балкан. Претседателката на Државниот збор и пратениците од КЕП разменија мислења и за парламентарната соработка меѓу Северна Македонија и Словенија, како и за можностите за црпење искуства во процесот на реформите, особено во делот на образованието и јавното здравство.