Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари билатерална средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е Ами Ларсон Џаин. Двете страни разговараа за интензивната и квалитетна соработка како помеѓу двете земји така и помеѓу министерствата при што министерот Тошковски упати благодарност за поддршката на Владата на Кралството на Шведска во континуираното зајакнување на капацитетите на македонската полиција од страна на шведската полиција така и на целиот евроинтегративен процес на нашата земја. Акцент на средбата беше ставен на можноста за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи меѓу двете земји што за нашите граѓани кои живеат и работат во Шведска би било големо олеснување и намалување на трошоците.
Шведската амбасадорка ја поздрави посветеноста на Владата и министерството во борбата на земјата со криминалот и корупцијата и изрази благодарност до МВР за сите активности во насока на одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на земјава.
Исто така на средбата беше потенцирано знаењето на заедничкиот проект „Шведската поддршка за полициските реформи“ поткрепен со финансиски поддршка на Шведската меѓународна агенција за развојна соработка ,,SIDA” во времетраење од три години, кој претставува уште еден показател за заедничката успешна соработка.