На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност. За неа, мала држава како нашата, со исклучителни природни убавини и вредни културно-историски добра има големи и реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација не само за време на летните месеци, туку во текот на целата година. Се разбира, останува трајната обврска на Министерството за култура и туризам, другите министерства, но и единиците на локалната самоуправа, како и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за создавање неопходни претпоставки.
Стефаноска ја информираше претседателката за работата на агенцијата којашто е формирана во 2008 година, со акцент на последните неколку месеци откако е на оваа функција, посочувајќи ги успесите и падовите, актуелните проблеми и предизвици со коишто се соочува. Таа посочи дека е потребно да се креира стратегија за развој на туризмот, комплементарна со онаа за културата, како гаранција за успех. Соговорничките се согласија дека поврзувањето на културата и на туризмот во едно министерство е чекор напред во стратешкиот пристап кон нивниот развој.