Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Кристоф Камп кој, за прв пат е во посета на нашата земја по преземањето на функцијата во декември минатата година. Говорејќи за улогата на ОБСЕ како организација чија основна улога е да превенира внатрешни, но и регионални немири и конфликти, високиот комесар изрази подготвеност за експертска помош во креирањето или иновирањето на правната рамка, доколку има интерес и барање од страна на македонските институции.
Изразувајќи благодарност за досегашната соработка, Сиљановска-Давкова се согласи дека ОБСЕ може да помогне во забрзувањето на македонскиот, но и на западно-балканскиот евро-интегративен пат преку унапредување на заштитата на малцинските права, согласно фундаменталните документи за малцинствата. Високиот комесар понуди експертиза на постојната национална регулатива за заштита на малцинските права, како и на нејзината имплементација. Тој ја потенцираше важноста на инклузивниот процес на одлучување на сите нивоа во кој секој припадник на било кое малцинство ќе има шанса да учествува. Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна усогласеноста на нашата легислатива за малцинствата со највисоките стандарди за малцински права, но и потребата од поголема грижа за помалите малцинства, со оглед на нивната ранливост.
Обајцата ја истакнаа важноста на добрососедските и пријателски односи, чиј важен фактор е почитувањето на малцинските права. Претседателката ја реафирмира идејата за изработка на компаративна регионална студија за гарантирањето и почитувањето на малцинските права во балканските држави, вклучувајќи ја и нашата.