Денеска (05.05.2025) во просториите на Министерството за внатрешни работи се одржа средба помеѓу државниот секретар на Министерството за внатрешни работи г. Сашо Петрушевски и заменик амбасадор на Француската Република г. Филип Маршето. Државниот секретар Сашо Петрушевски ја искористи приликата да го поздрави заменик амбасадорот, при што потенцираше дека соработката меѓу Министерствата за внатрешни работи на двете пријателски земји бележи континуитет и се одвива во духот на традиционално добрите односи.
Кон зголемување на интензитетот на соработката особено придонесуваат низата обуки и работилници за вработените во Министерството за внатрешни работи кои се организирани преку Амбасадата на Француската Република во нашата држава, како и заедничката цел на двете држави во борбата против илегалната миграција, трговијата со луѓе и тероризмот, констатираше Петрушевски. На средбата се разговараше во врска со досегашната соработка која се одвива непречено како на оперативно така и на стратешко ниво, со надеж дека истата во иднина ќе продолжи со засилен интензитет. Воедно на средбата се разговараше и за проектот SAFE CITY преку кој се очекува земјава да стане уште посигурна земја како во делот на почитувањето на сообраќајните правила, така и во делот на безбедноста на граничните премини.