И покрај периодот на исклучителни кризи, преку внимателно обмислени и добри политики и преку навремени мерки, Народната банка одигра значајна улога во зачувувањето на стабилноста на економијата и во јакнењето на нејзината отпорност, информира Народна банка. За овие достигнувања и за натамошните предизвици се разговараше на серија средби што ги оствари гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, на кои учествува заедно со министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и со нивните тимови.
-Зајакнатата отпорност се согледува преку растот на девизните резерви коишто се повисоки за околу 40% во споредба со преткризниот период, што во голема мера е резултат на солидните приливи на странски директни инвестиции. Тие не само што имаат краткорочно позитивно влијание врз економската активност, туку го зголемуваат и долгорочниот потенцијал за раст на економијата. Во 2024 година, тие достигнаа 7,1% од БДП, едно од највисоките нивоа на странските директни инвестиции во нашата земја – велат од НБ. На средбите со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор, Јерон Клик, заменикот на извршниот директор, Марникс ван Риј, како и со шефот на Мисијата на ММФ, Анет Кјобе, беше исто така оценето дека е зголемена и отпорноста на банкарскиот систем, што е видливо преку значителното зголемување на капиталната позиција овозможувајќи солиден кредитен раст. Нашиот банкарски систем оствари најголем раст на адекватноста на капиталот во регионот, но и во споредба со земјите од Европската Унија.
-Надворешното окружување сепак е непредвидливо и неповолно, што може да се согледа и преку најновите проекции на ММФ со кои светскиот раст се ревидира надолу, а за процесот на дезинфлација се очекува дека ќе биде побавен. Исто така, ризиците за состојбата на светско ниво се претежно надолни, заради трговските војни и непредвидливите трговски политики. Во вакви околности, како централна банка и во иднина ќе им бидеме доследни на нашите политики за одржување на стабилноста во економијата, водејќи сметка за неизвесноста во светот и за домашните предизвици. Нашата цел е јасна – стабилен девизен курс и ценовна стабилност како темел за одржлив економски раст – рече гувернерката. Беше разговарано и за најновиот Светски економски преглед на ММФ, според кој светската инфлација и натаму ќе опаѓа до 4,3% во 2025 и 3,6% во 2026 година (минимална нагорна ревизија за по 0,1 п.п. од прегледот во јануари). Намалувањето и натаму ќе биде побрзо во напредните економии, додека земјите во развој и економиите во подем ќе се соочат со малку побавно приближување кон целите. ММФ препорачува внимателни економски политики и акцент на структурните реформи коишто ќе ја поддржат долгорочната стабилност. На пролетните средби заедно со гувернерката учествуваат и вицегувернерот Фадил Бајрами и вицегувернерката Ана Митреска.