Кодексите за облекување и за надворешен изглед на учениците во трите школи: во Струмица, Прилеп и во Штип, кои беа истакнати како закана дека оние што носат, скинати фармерки, мини сукњи, кратки панталони, хеланки, пирсеви или се машки и имаат долга коса, нема да влезат на настава, се тргнати од таблите за куќен ред на училиштата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која по претставки од родители и од ученици поведе постапка и донесе мислење дека се врши дискриминација врз учениците, бидејќи основното и средното образование се задолжителни за секое дете, ги пофали овие училишта. Во кварталниот извештај за работата на Комисијата, стои дека овие три школи постапиле по препораките и во законски рок ги тргнале закачените куќни редови и кодекси за облекување и однесување на учениците.
Во тие „правилници“ беа забранети и големи нокти, маици на прерамки, бермуди, шорцеви, кратки маици, тренерки, итн. Дополнително, овие правила пропишуваа дека дозволена должина на сукњите е само до колена или под колена, а панталоните мора да бидат исклучиво долги. Воедно, овие правила пропишуваа и дека секој ученик треба да внимава на својата фризура за време на наставата. Женските треба да имаат уредна и прибрана коса, машките не смеат да имаат долга коса, репче или брада. Како мерка за непочитување овие училишта имаа предвидено казна – на учениците кои нема да изгледаат како описот на Куќниот ред и на Кодексот, нема да им биде дозволен пристап до училиштето, односно нема да бидат примени на настава. Сепак оваа тема остана дискутабилна, бидејќи многу родители, наставници и професори уште сметаат дека на учениците им требале такви забрани, зашто „кај и да е, со пижами и влечки ќе тргнат на школа“.
Смета дека не само што го прекршиле Законот за основно и средно образование, според кој образованието на децата е задолжително, под еднакви услови и без дискриминација, туку со забраната за пристап на „несоодветните“ ученици, го повредиле и член 44 од Уставот. Комисијата против дискриминација, ги упатува овие училишта на нивното законско „оружје“ за справување со неетички моменти од страна на учениците, а тоа е членот 57 од Законот за основно и средно образование, кој прецизно ги уредува педагошките мерки поради повреда и неисполнување на обврските на ученикот, како и постапката за нивно изрекување.