Јавната расправа за концепцијата за гимназиско образование сѐ уште трае. Затворена е само таа која се одвиваше преку информатичките технологии, а понатаму планирани се дополнителни посети и средби. Според министерката Венса јаневска, има неколку интересни предлози, кои најмногу се однесуваат на зголемен број часови на секој од предметите и дополнување на дополнителни предмети. – Кога Бирото за образование го направи распоредот на часови, според барањата на стручната јавност, здруженијата, наставниците излезе дека учениците, секоја година, од прва до четврта година, треба да бидат на училиште најмалку од 10 до 11 часа. Тоа не е можно и жал ми е што нема да можеме, така како што поединечно замислуваат да го остваруваме. Сето тоа ќе треба да се изанализира, искомбинира.
Да, нашите деца да бидат подолго на училиште, тоа што Владата како проект го предлага, но тие не можат да бидат 11 саати во денот на часови. Треба да имаат и вакви активности, треба да имаат театарска претстава, хор, ликовни и музички, преку кои се учи многу – рече министерката за образование Весна Јаневска, при денешната посета на Титан-Усје, каде беше промовирана нова лабораторија за ученици. Јаневска најави дека МОН продолжува да работи на проблематиката и дека средношколците ќе имаат нови програми од септември, како и нови учебници за средно гимназиско, но за Концепцијата ќе има време една година да се стокми и да биде соодветна на програмите од Европската Унија за нашите гимназијалци кои ќе го продолжат своето образование овде, а дел од нив и во странство, да се на соодветно ниво подготвени за понатамошното образование. Со најавената концепција за гимназиско образование се девалвираа некои од општествените науки, па така предметите филозофија, логика и етика од предмети во редовната програма, се поместуваа во изборни предмети, на што бурно реагираше стручната јавност, професорите и наставниците.