Во центарот на Крагуевац утринава почна блокада од страна на студентите. Тие повеќе од два месеци одржуваат протести на кои се бара одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница во Нови Сад. На целодневната блокада во Крагуевац ќе бидат организирани бројни настани од изложби, спортски активности до собирање донации. Во 19:50 часот е најавено дека ќе биде прочитано студентско писмо, а од 20:30 часот е најавена главната програма. Од 23:52 часот, граѓаните ќе оддадат почит за жртвите во траење од 15 минути. Граѓаните на Крагуевац вчеравечер ги пречекаа студентите кои пешачеа и со велосипеди тргнаа до Крагуевац од повеќе градови во Србија за да им се придружат на своите колеги во блокадата.
Студентите бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15-те луѓе при уривање на настрешница на 1 ноември, неколку месеци откако станицата беше официјално отворена по тригодишната реконструкција. Тие бараат да се процесираат и одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите и акциите во чест на жртвите. Барањата на студентите во блокада ги поддржаа нивните професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.