Системот во државава им овозможува на попаметните и на посреќните меѓу нас да ги заобиколуваат законите и да се богатат на туѓиот очај. Само два дена пред пожарот во Кочани, слушавме за канцерогените деривати што биле увезувани со асистенција на корумпираните државни службеници. Знаеме и за Онкологија. Сè знаеме, ништо не правиме. Се сеќава ли некој во овие траорни моменти на несреќата што пред 30 години се случи во дискотеката „Силекс“? Јас се сеќавам бидејќи бев таму. Имав 17 години и бев излезен со друштвото во дискотеката сместена во поттрибинскиот простор на тогашниот Градски стадион во Скопје. Некаде пред фајронт (по 23 часот) избувна пожар, па луѓето почнаа да бегаат по скалилата за да се спасат. Во стампедото загина едно девојче. Реакцијата на јавноста беше брутална, па надлежните органи спроведоа истрага, утврдувајќи низа нерегуларности во објектот во кој дискотеката била сместена, по што беше затворена. Три децении подоцна, ни се случи трагедија со 59 жртви и 155 повредени. Исто така во дискотека, не во Скопје, туку во Кочани. Со таа разлика што дискотеката во Скопје изгледаше како „Студио 54“ во споредба со прчварата во Кочани, за која не ви треба истрага, стручно или вешто лице за да ви каже дека е супстандардна. Тоа се гледа и оддалеку.
Што ни се случи во овие 30 години? Едноставниот одговор е катастрофа, а сложениот би гласел ни се случија две авионски несреќи со многу жртви, ни потона брод, падна армиски хеликоптер, имавме две автобуски несреќи и ни се запалија две дискотеки. Заедничкото на сите овие несреќи е потфрлањето на институциите и корупцијата. Техничката нерегуларност кај нас по правило се решава со мито исплатено во џебот на „надлежните“, па затоа и само затоа 30 години по ред ние броиме мртви и ранети. Ќе направиме најстрога контрола на сите дискотеки и клубови, рече премиерот Христијан Мицкоски на денот на несреќата. Такво нешто беше речено и по пожарот во „Силекс“ и по трагедијата кај Ласкарци кога се преврти автобус и по сите други катастрофи што ѝ се случија на оваа несреќна земја, во која на еден перверзен начин зголемената контрола само ја засилува корупцијата, па секоја наредна трагедија е поцрна од претходната. Премиерот кажа и дека е подготвен неговата вина да ја провери на избори, како божем во недостигот од изборни циклуси е нашиот проблем? Наместо да гласаме, можеби треба да видиме чии партиски послушници и локални лидерчиња знаеле дека во нивниот град функционира дискотеката „Пулс“, која иако наликува на поголем кокошарник, била популарно место на младите од Кочани.
Засега единствен кој чувствува морална одговорност е градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, кој вели дека ги познавал поголемиот дел од децата што загинале, а ги познава и нивните семејства. Не е лошо тој да објасни и дали ги познавал луѓето што стопанисувале со дискотеката. Папазов да каже дали некогаш влегол во објектот, кој наводно некогаш служел како магацин за теписи, а потоа бил претворен во дискотека. И дали можеби слушнал или само се посомневал дека еден таков поткапацитетен објект имал валидна лиценца за работа? Зошто не реагирал? Зошто не пријавил? Прашања имаме многу и на нив ќе бараме одговор во деновите пред нас, а сега е најбитно повредените да закрепнат. Но и тоа не зависи многу од нас, бидејќи најтешките случаи се веќе префрлени во странски болници. Во Србија, Бугарија, Грција и Турција, а наскоро се очекува дел од повредените да бидат префрлени во болници во Хрватска и Романија, а се преговара и со Словенија, Унгарија и Австрија. Истите овие држави секое лето ни ги гаснат пожарите, кога наместо лекари ни испраќаат пожарникари, а тука се и ако ни фали струја, зејтин, вакцини итн. Им благодарам од срце за сè. Македонија е прилично тажно место, во кое системот им овозможува на попаметните и на посреќните меѓу нас да ги заобиколуваат законите и да се богатат на туѓиот очај. Само два дена пред пожарот во Кочани, слушавме за канцерогените деривати што биле увезувани со асистенција на корумпираните државни службеници. Знаеме и за Онкологија. Сè знаеме, ништо не правиме. Точно е дека на секои избори ги казнуваме претходните, но тоа очигледно е дека не го менува системот. Мора да пронајдеме друго чаре.