Да си задоволен со намалување на процентот за утврдување на репрезентативност од 10 на 5, а да не побараш платите да се зголемат за најмалку 10, па ни за 5 отсто, значи дека не си синдикат, порача Слободан Трендафилов, претседател на ССМ. Измените и дополнувањето на Законот за работните односи по итна постапка се носат за да стане КСС репрезентативен синдикат, реагира на Фејсбук, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Претходно премиерот Христијан Мицкоски, истакна дека ова не било дел од никаква политичка агенда, а според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на ваков начин се либерализирало синдикалното движење. Според Стојаноски, голем дел од синдикалните организации кои претставувале голем дел од работници немале право на глас на Економско социјален совет?! Претседателот на ССМ, го демантира тоа и тврди дека КСС и досега учествувале на седниците на ЕСС, но не побарале ништо за работниците.
-КСС кој е со став дека не треба да се зголемуваат платите, дека на работниците им е доволна оваа минимална плата и дека таа не треба да се зголеми на 500 евра, а за 100 евра да не се зголемат останатите плати, дека не треба да се протестира за зголемување на плата. Со ова се потврдува дека КСС е уценет синдикат, дека КСС е против работниците – додава Трендафилов. Тој смета дека е жално што останатите синдикати, како на пример Конфедерацијата (до вчера грански синдикат) и Унијата (синдикат кој не е ниту активен во Централниот регистар) се задоволни, ги поддржале измените на Законот за работните односи, а не ни знаат што се тие.
-Да им појаснам, измените значат задоволни синдикалци, наспроти незадоволни работници, значат дека ниту со намалување на прагот за утврдување на репрезентативност од 10 на 5 отсто само да се удоволи на КСС, за КСС после да одработува за туѓи интереси, а не за работниците. КСОМ и УНАСМ со 1отсто членство нема повторно да бидат репрезентативен синдикат, а се поставува прашањето како КСС и КСОМ и УНАСМ не можеа да стигнат до 10 отсто од вкупниот број на вработени, оти најверојатно сите три синдикати имаат 5 отсто членови – коментира Трендфилов. Според него, да си задоволен со намалување на процентот за утврдување на репрезентативност од 10 на 5, а да не побараш платите да се зголемат за најмалку 10, па ни за 5 отсто, значи дека не си синдикат.
-Планот КСС да стане репрезентативен синдикат, значи само дека КСС е уценет синдикат, а значи и дека ќе биде уште поуценет синдикат, значи дека ќе бидат против работниците, значи дека се против зголемување на платите. Што прават работниците во овие синдикати, а и сега е јасно зошто беа притисоците, заканите и уцените работниците за на сила да се приклучат на КСС, тоа е за овие потоа во нивно име да се вадат дека ниските плати ги прават работниците задоволни – додава Трендафилов. Од ССМ информираат дека на неодамнешната Конференција организирана од Европската конфедерација на синдикати во Белград, била усвоена и упатена јасна и гласна порака до Владите и Европската комисија: Стоп за мешање во синдикатите! Синдикалците бараат од Европската комисија и владите да ги почитуваат европските вредности во служба на социјалниот напредок, а упатиле порака дека трошењето на јавните пари мора да промовира колективно договарање и социјален дијалог.
-Потребни се нови правила за трошењето на јавните пари, кои ќе бидат насочени кон компании кои ги почитуваат работничките права, имаат социјален дијалог и склучени колективни договори, воведување мерки за заштита на вработувањето и социјална заштита на работниците, а преку законодавството да се обезбеди улогата на синдикатот во управување со промените, како и да се стави крај на нападите врз синдикатите и да се промовира колективно договарање за да се обезбедат подобри плати и услови за работниците – порачале синдикалците.