Една векна леб може да се случи да чини 300 денари, а ние ќе сме должни да го купиме бидејќи тој ни е основен прехранбен продукт. Не треба да има бојкот само во петок во маркети, туку бојкот треба да има секој ден, оти примањата на луѓето не им стасуваат. Животот е прескап и платите не се доволни за живот, вели Иван Пешевски од ССМ. Нови повици за бојкот на маркетите се споделуваат деновиве на социјалните мрежи, откако минатата недела за прв пат се случи бојкот поради високите цени. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од пазарење, а акцијата е наречена „Црн петок“ за маркетите. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), како и Организацијата на потрошувачи (ОПМ), иако не се организатори на бојкотот, ги поддржуваат граѓаните со цел да се даде сигнал до трговците дека населението има моќ и може да придонесе да се намали прометот.
Иван Пешевски, потпретседател на Советот на ССМ за приватен сектор, вели дека единствено Владата може да влијае трговците и сопствениците на маркети да ги намалат цените и да се реши проблемот на долг рок. „Владата е работодавач на 138.000 вработени во јавниот сектор. Таа мора да знае да направи ред, не може да се граѓаните виновни за ваквата ситуација во никој случај. Утре може лебот да чини 300 денари, а ние ќе сме должни да го купиме бидејќи тој е основен прехранбен продукт. Ставот на ССМ отсекогаш бил да дава поддршка на граѓаните и сите оние кои ги засега социоекономската положба. Не треба да има бојкот само во петок во маркети, туку бојкот треба да има секој ден, оти примањата на луѓето не им стасуваат. Животот е прескап и платите не се доволни за живот. Многу граѓани и без да ги повикуваме не пазарат оти немаат пари да влезат во маркет“, вели Пешевски. Тој за Мета.мк вели дека ССМ ги охрабрува граѓаните да не купуваат. „Сите големи ланци маркети ги изигруваат законите. Маржите се поголеми од законски предвидените. Тоа не смее да биде така“, додаде Пешевски. Извор: Новинска агенција МЕТА