Даночно ослободување на придонесите на новинарите и медиумските работници, усогласување на договорите за работа со законската рамка и јасна дистинкција меѓу вистинскиот синдикат и жолтите синдикати, односно лоцирање на непријателите на синдикалната борба, бара Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Како што беше речено на денешната завршна конференција од проектот „Работнички права за независно новинарство“ што ССНМ го спроведува заедно со РЕСИС и со финансиска поддршка од ЕУ, околу половина од новинарите и 70 отсто од медиумските работници во земјава имаат примања под просечната месечна плата (37 065 денари за периодот мај-октомври 2023).
Проектот покажува дека притисоците врз вработените во медиумите и кршењето или непочитувањето на работничките права, остануваат горливи прашања за новинарите и медиумските работници во Македонија.Според бројките, 2 100 лица се распоредени на 3 146 работни позиции. Од нив 1 694 се новинарски позиции, додека 1 452 се позиции на медиумски работници. Од вкупно 1 039 редовно вработени новинари 56 отсто се жени, а од вкупно 1 072 редовно вработени медиумски работници 70 проценти се мажи.
-Најверојатно сме единствената професија во која 2 400 вработени извршуваат над 3 000 работни позиции. Сакам да издвојам и една работа која не успеавме да ја реализираме, а е сериозна и важна, особено за локалните медиуми. Тоа е т.н. даночно ослободување за новинарството како професија од јавен интерес. Водејќи се од девизата дека новинарството во едно демократско општество треба да е јавно добро, сметаме и изработивме еден документ кој го презентиравме во неколку наврати на некои средби со надлежни институции, а тоа е даночно ослободување за придонесите за новинарите и медиумските работници. Особено го потенциравме проблемот со локалните медиуми и нивните финансиски проблеми и сметаме дека може да се најде некакво решение кај овие медиуми ваквата неселективна помош да биде и повисока – истакна претседателот на ССНМ Павле Беловски.
Тој потсети дека не може да има слободни медиуми, слободни новинари и новинари и медиумски работници со интегритет без нивна социо-економска обезбеденост. -Без оваа компонента не е можно производство на професионални и етички издржани содржини кои го штитат јавниот интерес, што впрочем е и основната задача на новинарството – подвлече Беловски. Тој се осврна и на локалните медиуми, како и на новинарите од локалните средини кои, како што истакна, се соочуваат со многу поголеми проблеми од оние кои работат во главниот град. -Локалните медиуми, како и дописниците имаат далеку поголема важност од она што им се придава. Социјалните медиуми и технолошкиот развој навидум не ставија нас новинарите во одбранбена позиција, во некаква сенка. Но, токму сега е важно вистинското, професионалното новинарство кое знае да го препознае јавниот интерес и на граѓаните ќе им испорача важни, навремени и точни информации за да можат во едно демократско општество да носат информирани одлуки – рече Беловски.
Неда Чаловска, експертка за човекови права, се осврна на договорите за работа како основни документи за гарантирање на интегритетот и безбедноста на новинарите. -Сегашните договори често не се усогласени со законската рамка. Работниците се без соодветна заштита, особено во приватните медиуми, а без работнички права нема професионално новинарство – потенцира Чаловска. Поранешната претседателка на ССНМ, Тамара Чаусидис ја презентираше Повелбата за професионални и работни права на новинарите и медиумските работници. На конференцијата беше истакнато и дека ССНМ за 2,5 години го зголеми членството за преку 70 проценти. Синдикатот ќе продолжи да работи на зацврстување на своите структури, како и на зголемување на видливоста и препознатливоста во медиумската сфера