Премиерот Христијан Мицкоски на средбата со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген, ја истакнал заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската Унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура. Актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот и можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста, биле тема на средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген, во рамки на работниот престој во Минхен, Германија. Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ја истакнал заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската Унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура. Тој нагласил дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност и ќе продолжи да работи на продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.
Двете страни се согласиле дека соработката е клучна за справување со глобалните предизвици и дека иднината на регионот е во одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.
Во текот на денот Мицкоски ќе земе учество во дел од активностите на Минхенската безбедносна конференција, каде ќе има свое обраќање на панел дискусијата на Форин Полис и ќе говери за геополитиката, енергетската сигурност и за улогата во промените на глобално ниво, се додава во соопштението на владината прес-служба.